Меган Рапино со трофеите од СП 2019

Финалниот меч, како и целото СП, го обележи Американката Рапино (34), која ги доби признанијата „златна топка“ и „златна копачка“

Женската фудбалска репрезентација на САД четврти пат е светски првак (1991, 1999, 2015 и 2019 година). Во финалето на Светското првенство (СП) во Франција, САД, кои го играа третото финале едноподруго, на преполниот стадион во Лион ја совладаа Холандија, актуелниот европски првак, со 2-0.
Финалниот меч, како и целиот шампионат, го обележи Американката Меган Рапино (34). Таа ги доби признанијата „златна топка“ и „златна копачка“, за најдобар играч (МВП) и за најдобар стрелец на турнирот (шест гола и три асистенции). Таа е првата фудбалерка што постигнува гол од пенал во финале на СП и највозрасна, на 34 години и два дена.

Покрај успесите на теренот Рапино се издвојува и со ангажираноста надвор од него, пред сѐ, кога станува збор за расната нееднаквост и за дискриминацијата при плаќањето на жените фудбалери во однос на колегите, мажи. По финалниот натпревар, Рапино повторно ја покажа својата несекојдневна личност кога елоквентно повикуваше на еднаквост, говорејќи и за тоа како таа и нејзиниот тим ги надминаа пречките на теренот и надвор од него.
Рапино и Алекс Морган сакаа да ја искористат пригодата за да ги продолжат непријатните разговори за поголемо инвестирање во женскиот фудбал и за поголема почит кон жените спортисти.

– Чувствувам како јас и овој тим да сме во средината на промените што се случуваат во светот околу нас и во кој живееме – изјави Рапино, додека од трибините хорски ечеше „еднакво плаќање“.
Многу пофални зборови за Рапино кажа и селекторката на американската репрезентација, Џил Елис, која рече дека таа е идеална личност да зборува за работите во овој спорт што навлегуваат во многу области надвор од случувањата на теренот.
– Меган како да е создадена за вакви мигови. Таа зборува јасно, течно, од срце. Потребни ни се такви личности, кои работите ги нарекуваат со вистинското име – вели Елис.

Рапино, која е втора фудбалерка што настапила во три финалиња на СП, во 2011, 2015 и 2019-та, (по Германката Бригит Принц во 1995, 2003 и 2007-та) си создаде имиџ на бескомпромисна личност, која знае што сака и не го крие тоа. Таквата нејзина популарност и реноме не влијаеја негативно на хармонијата во тимот во соблекувалната, напротив.
– Таа е најдобрата колешка на теренот што можете да ја посакате. Таа играше одлично на СП, ги заслужи признанијата, кои се потврда за нејзината класа, за големата самодоверба и за самопочитта што ги гледавме секој ден – изјави Алекс Морган. 


Андоновски е тренер на најдобрата фудбалерка на СП

Меган Рапино е членка на Сиетл реин (од 2013-та) клубот што се натпреварува во националната американска фудбалска лига и во која води сезонава. Таа е двократна светска првенка (во 2015 и 2019 година), светски вицепрвак во 2011-та и олимписка шампионка од Лондон во 2012 година.
Прв тренер на тимот на Рапино од ноември 2017 година е Македонецот Влатко Андоновски (43), кој своевремено настапувал за Работнички, Македонија ЃП и за Вардар, пред да замине за САД, во 2000 година. Како фудбалер во САД настапувал за Вичита вингс, а подоцна играл футсал за Канзас кометс, Калифорнија кугарс и за Филаделфија кикс. Тренерската кариера ја почнал во локалните клубови во Канзас и во околината, а во 2012-та станал прв тренер на Канзас сити. Дел од стручниот штаб на Сиетл, тренер на голманките, е Љупчо Кметовски (47), кој во кариерата има настапувано за Балкан, Работнички, Цементарница, Вардар, Тетекс и други. Л.Д.