Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Трамп во обраќањето, што беше директно пренесувано на американските телевизии, го обвини Иран за поддршка и спонзорирање на тероризмот и за предизвикување хаос на Блискиот Исток.
Тој оцени дека „иранскиот режим“ не се придржувал кон обврските предвидени со Договорот, поради тоа и решил САД да се повлечат од него.
Трамп нагласи дека ако дозволи опстојување на Договорот, светот наскоро ќе се соочи со трка во нуклеарно вооружување на Блискиот Исток.
Американскиот претседател потести дека досега во неколку наврати побарал преразгледување на одредбите од Договорот, за што САД разговарале со своите сојузници во Европа и на Блискиот Исток.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија.
Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.
Трамп жестоко го критикуваше документот во текот на предизборната капања, нарекувајќи го „страшен договор“ и најави повлекување на САД од спогодбата доколку биде избран за претседател. сп/ 20:24