Досегашниот тренер на Њукасл, Рафаел Бенитез, денеска најави дека си оди од клубот и веднаш започнаа шпекулациите за неговиот наследник. Се споменуваат повеќе имиња, но како најсеризни кандидати се вбројуваат Жозе Мурињо, Џенаро Гатузо и Микел Артета.
За Португалецот тоа би бил трет клуб во Премиер-лигата, по Челси и Манчестер јунајтед. Мурињо повеќепати вели дека го интересира клуб со големи амбиции, а Њукасл има квалитет најмногу за средината на табелата во Премиер-лигата, сметаат фудбалските експерти.
Сепак англиските медиуми пишуваат дека Мурињо не би ги исклучил преговорите уште на старт, а доколку се договори со Њукасл, како негов асистент би бил Марко Матераци.
Од друга страна Гатузо кој на крајот на сезоната го напушти Милан би можел да биде сериозен какндидат за испразнетото тренерско столче на „Сент Џејмс Парк“.
Тие двајца не се единствените сериозни кандидати. Се споменуваат имињата на Алан Пердју, Рој Кин, Марк Хјуз, Гери Монк, Стивен Џерард, како и помошникот на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, 37-годишниот Микел Артета.
Според обложувалниците на Островот, Артета е најсериозен кандидат за тренер на Њукасл.