Ова, некогаш „слепо црево на Балканот“, со мошне привлечно комуникациско и геостратегиско воено значење за големите и силни европски држави и империи што го опкружувале или опкружуваат полуостровот и од Исток и од Запад, често е нарекувано со епитетите: „буре барут“, „јаболко на раздорот“, „монета за поткусурување“ и конечно „балканска крчма“…
Најновите долгоочекувани, но не баш пријатни вести од Европа, околу добивањето датум за почнување преговори за прием на нашата земја во ЕУ, со право го окупираат вниманието на целокупната, сега веќе разочарана македонска јавност и резигнирани национални медиуми. Политичките фактори од владејачката коалиција и власта, пак, кои по добивањето на мандатот, со голем политички ризик во својата надворешна агенда, ставија сѐ на картата на евроинтеграциите, се најдоа во неизвесност и очај. За разлика од нив, здружената македонска опозиција, која цело време перманентно ги покажуваше својата воздржаност и незаинтересираност во однос на ова стратегиско надворешнополитичко прашање на Република Северна Македонија, негаторскиот став кон Преспанскиот договор, уставните измени и промената на името на државата, моментот го користи да упати остри напади и обвинувања на адреса на актуелната власт, барајќи нејзина демисија и одржување предвремени парламентарни избори во земјата.
Ваквата новосоздадена ситуација, во многу нешта ја усложнува и онака флуидната внатрешнополитичка клима во земјата, која по неповолните пораки од Луксембург и од Брисел, лесно може да излезе од контрола и да предизвика несакани последици, по сето она што „поранешната југословенска република Македонија“ се надевавме со искрени помош и поддршка на меѓународната европска заедница, се стремеше и макотрпно го градеше во последните три децении.
Ако на сиве овие настани, што оправдано деновиве го окупираат вниманието на македонската јавност и предизвикуваат дефетизам и општа вознемиреност, погледнеме од историска перспектива, неминовно се наметнува заклучокот дека високите европски чиновници или малку водат сметка историјата на овие простори да не се повторува, или во политиката кон овој дел од Европа што патем го нарекоа „Западен Балкан“ сѐ уште се раководат од своите некогашни веќе анахрони империјални и колонијалистички интереси. Како ништо да не научиле од неа – историјата, „учителката на животот“. Не е можно на господата од Брисел да не им е познато дека вкоренетите политички стереотипи на Балканот, создавани со векови во минатото и низ историјата во бурни и често драматични околности и крајно нарушени меѓусоседски односи и соработка на балканските земји и држави и на нивните еднородни – словенски народи, но и различен по вера и религија конгломерат од мали народности и ентитети, со спротивставени политички, економски, територијални и други интереси, наведуваат на неминовен заклучок дека тие со векови создавани типично балкански политички стереотипи во овој 21 век, сепак, треба да се менуваат.
Ова, некогаш „слепо црево на Балканот“, со мошне привлечно комуникациско и геостратегиско воено значење за големите и силни европски држави и империи што го опкружувале или опкружуваат полуостровот и од Исток и од Запад, често е нарекувано со епитетите: „буре барут“, „јаболко на раздорот“, „монета за поткусурување“ и конечно „балканска крчма“, што на сликовит начин ги истакнува неговата политичка и историска заднина. Во прилог на таквите квалификации одат честите меѓусебни војни на балканските држави и државички, со задоцнето национално освестување и секогаш под нечие туѓо влијание или старателство. Тоа придонело за појава на чести буни и востанија, егзодуси и уште почести промени на имињата и границите меѓу балканските земји. Дури од овие балкански простори, пред 100 години, произлезе и една светска војна – Првата, во 1914 година, која започнала токму овде, но набргу, според принципот на домино-ефект, опфатила голем број европски и други светски земји и се проширила и на другите континенти со фатални воени и хуманитарни и материјални последици.
Затоа никогаш не треба да се заборави дека Балканот, макар тој бил и „Западен“, отсекогаш бил немирно и политички трусно подрачје, што придонело меѓу повеќето балкански земји да се создадат национално-политички анимозитети, па дури и тешки непријателства, што била причината и за избувнување на две балкански војни. Оттаму и желбата за интегрирањето на Северна Македонија во семејството на другите европски и соседни земји од регионот има особено историско значење и висока политичка цена, и затоа не треба да се потценува со никакви формални ограничувања и условувања. И онака тоа што треба и што е пропишано да го направи, таа покажа дека има волја и може да го исполни и во октомври, во декември, (а зошто не и порано?), со силно уверување и желба конечно од „балканската крчма“ да направи „европска слаткарница“. Само на тој начин на Западен Балкан ќе бидат и волците сити, но и сите овци на број. Кој и со кое право некој сака да го спречи тоа?
(Под овој наслов и од истиот автор, „Нова Македонија“, на 6 декември 2017 година, објави колумна со малку поинаква содржина, но со идентична порака. Поради актуелноста, текстот го реобјавуваме со незначителни измени.)