Лимоновиот сок, односно исцеден лимон измешан со вода, во последно време станува сѐ попопуларен. Низ светот се служи во рестораните, а некои луѓе денот го започнуваат со лимонов сок наместо со кафе или со чај. Не постои сомнеж дека лимонот е здрав, но дали додавањето вода го прави уште поздрав?

Многу научни докази велат дека лимоновата вода на организмот му нуди огромни придобивки. Мал е бројот на научни истражувања што се направени специјално за оваа намирница, повеќето од нив се занимаваат со лимонот и водата поединечно. Ќе наброиме седум здравствени придобивки за вашето тело доколку консумирате лимонов сок.

1. Одличен е за хидратација

Според генералните препораки на Одборот за храна и исхрана, жените треба да пијат околу 2,5 литри течност, додека мажите 3,5 литри. Тука е вклучена течноста од храна, не само водата. Водата е одлична за хидратација, но со додаден лимон во неа, освен што ќе бидете освежени, ќе бидете и значително поздрави.

2. Добар извор на витамин Ц

Цитрусите како што е лимонот, имаат огромно количество витамин Ц, кој, пак, е примарен антиоксиданс што помага во заштита на клетките од штетата предизвикана од радикалите. Сигурно знаете дека витаминот Ц може да ви помогне при грип и настинки, но помага и во намалување на крвавењето.
Витаминот Ц исто така го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести и го смалува крвниот притисок.
Иако лимоните не се на врвот на листата на намирници богати со витамин Ц, тие сепак се одличен извор за овој витамин. Според американското министерство за земјоделство, сокот од лимон дава околу 18,6 милиграми витамин Ц. Препорачаната дневна доза за возрасни е од 65 до 90 милиграми дневно.

3. Ги топи килограмите

Истражувањата покажуваат дека полифенолните антиоксиданти што се наоѓаат во лимонот, го намалуваат таложењето маснотии во мускулите. Во овие студии, било откриено и дека овие антиоксиданти ги елиминирале негативните ефекти од гликозата во крвта и ја подобриле отпорноста кон инсулин, двата главни фактори за развој на дијабетес тип 2.

4. Ги подобрува изгледот и квалитетот на кожата

Количеството витамин Ц што се наоѓа во лимонот ги спречува збрчкувањето на кожата, сувоста и штетата од сонцето. Ако вашата кожа не е хидрирана, станува сува и склона кон стареење. Една студија од 2016 година покажала дека лимоновиот сок ги намалува стареењето на кожата и нејзиното исушување.

5. Најдобриот пријател на дигестијата

Некои луѓе пијат лимонов сок дневно, како природен лаксатив што помага при констипација. Пиењето топла лимонова вода може да го забрза вашиот дигестивен систем, да ги исчисти маснотиите од желудникот и цревата и да ви помогне да ги исчистите истите нив.
Со тоа не само што се чистат цревата, туку се исфрлаат и токсичните материи наталожени во нив. Во последно време сѐ почесто слушаме дека најголемата штета за здравјето е токму наталожената храна во цревата, која, доколку се соочувате со констипација и таа останува подолго време во нив, скапува и испушта разни штетни супстанции, кои го одземаат здравјето од вашиот организам. Затоа воопшто не чекајте. Наутро пијте топол лимонов сок и помогнете му на вашиот организам да биде исчистен.

6. Го освежува здивот

Сигурно веќе го знаете трикот со тргање на лошата миризба од рацете со помош на лимонот. Истиот лек функционира и кај лошиот здив. Доколку имате јадено премногу ароматична храна со силен мирис како што се рибата или лукот, лимоновиот сок дефинитивно ќе ви помогне во борбата со лошата миризба.
За да го избегнете лошиот здив, по оброкот напијте се лимонов сок со вода, но таа навика треба да ја имате и наутро. Лимонот ви помага и доколку имате проблем со сува уста од која исто така доаѓа непријатен мирис.

7. Одлична превенција е за камен во бубрезите

Киселината што ја има лимонот, помага во превенција од добивање камења во бубрезите. Цитратот што е компонента на лимонот, има моќ да искрши мали камења. Пиењето лимонов сок со вода, може да ви помогне во битката со камењата во бубрезите.


Внимавајте на забите!

Иако генерално се смета за здрав пијалак, сепак треба да имате предвид дека лимоновата киселина ги нагризува забите. За да го намалите ризикот од тоа, пијте ја лимоновата вода со цевка и мијте ги забите по пиењето. Исто така, киселината од лимонот може да предизвика поголема желудочна киселина. Затоа, доколку имате чувствителен желудник, треба да го избегнувате овој сок.


Комбинирајте го со нане, ѓумбир, цимет, краставица…

Кога го правите лимоновиот сок, секогаш користете свежи лимони. За да направите лимонов сок, потребно е да исцедите еден лимон во 250 милилитри топла или ладна вода.
Доколку не сте љубител на лимонот, а сепак сакате да го консумирате лимоновиот сок, во тој случај можете да додадете и нане, ѓумбир или цимет, со кои само ќе го подобрите вкусот на напитокот. Исто така, може да додадете и парчиња исечени цитруси или краставица за дополнителна хидратација.
Може да направите и коцки мраз од цеден лимон, па истите тие да ги додадете во пијалакот.

[email protected]