Изложбата „Магла“, кураторски проект на Ави Лубин, куратор од Израел, ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во националната галерија „Мала станица“. Во проектот учествуваат уметниците: Алберт Алгаер, Газмент Ејупи, Фатмир Мустафа, Луан Бајрактари и Дритон Селмани. Кокураторка е Ана Франговска од Националната галерија.
Оваа изложба, која е насловена „Магла“, по првото искуство на кураторот Лубин со Косово, односно со маглата на аеродромот што го отежнала слетувањето, има цел да одговори на неколку дискурси и тоа: што значи да се биде делумно признаена држава како што е Косово и што значи да се биде подрачје во спор… Кураторот пред себе го имал и фактот што токму неговиот роден Израел е една од земјите што не го признале Косово за независна држава. Сите овие автори на различен начин, со различен медиум и пристап кон темата го проблематизираат аспектот на себеидентификацијата.