Второто издание на фестивалот на светлосна уметност „Скопје лајт арт дистрикт“, синоќа беше свечено отворено во дворот на Куршумли ан. Фестивалот е во организација на ЈУ Универзална сала, со поддршка на Град Скопје и проектот РОЦК како дел од програмата „Хоризонт 2020“ за истражување и иновации на Европската Унија.

Годинашниот фестивал претставува 26 уметници, од кои една третина се домашни имиња, чии дела осветлуваат 18 различни локации низ Скопје.

Главниот организатор и директор на ЈУ Универзалната сала, Филип Аврамчев, на отворањето истакна дека „Скопје лајт арт дистрикт“ го следи примерот на број успешни фестивали на светлосна уметност низ Европа.

– Фестивалот е основан во 2018 година со цел да се создаде кулутурно-општествен настан кој во фокус ќе ја има уметноста. Една од главните цели на фестивалот е повторно да се разоткријат култните места во градот и со светлина да се создаде нова перцепција за нив – вели Аврамчев.

Светлосната уметница, Александра Стратимовиќ, пак, ја изразува нејзината длабока возбуда што се придружува на „СкЛАД“ како уметничка директорка.

– „Скопје лајт арт дистрикт“ станува симболичен мост, живописна алка која спојува уметност, технологија, наука, архитектура, природа, минато, сегашност и иднина, користејќи гој азикот на светлината. Во овогодинешното издание претставуваме 26 домашни и меѓународни уметници, музичари, уметнички колективи, перформанси и театарски групи кои ќе создадат извонредна светлосна патека, поврзувајќи ги далечните точки на Стара чаршија со зелените оази на Градскиот парк – ќе рече таа.

 

Со цел за комплетно уживање и точно следење на светлосната патека од почеток до крај, креирана е и мобилна апликација со мапа, која ќе ги носи посетителите од точка до точка. Почетната точка на фестивалот е Куршумли ан, каде што е претставено делото „Дрво со бранови форми“ на Пол Фридлендер од Велика Британија, со чие вклучување и официјално започна фестивалот. Ова дело претставува инсталација од голем број на бранови форми осветлени со посебна “хромостробична светлина“, креирана од самиот уметник. Светлината се менува брзо, како последица на тоа секоја бранова форма е осветлена во различна лента на боја, а сите форми се трансформираат динамично.

На две различни локации во Старата чаршија се две дела, две видео проекции од уметникот Бертранд Гаден од Франција – „Стаорецот“ и „Златната рипка“. Во Даут Пашиниот амам, посетителите имаат можност да уживаат по перформансот „Визуелно
пијано“ и „Акустична електроника“ на уметниците Курт Лауренц Тајнерт (Германија) и Ема Попивода (Македонија) кој трае половина час и се изведува во 21 часот, 22 часот и во 23 часот. Перформансот “Визуелно пијано“ ја истражува професионалната современа уметничка пракса преку апстрактниот, ефемерен медиум на светлината. Перформансот е уникатна соработка на Тајнерт со пијанистката Попивода, која го изведува својот најнов проект “Акустични електроники“, каде светски познати хитови се прилагодени за аранжман во пијано.

На фасадата на Национална Опера и балет се проектира видео арт проекцијата на Емил Петро (Македонија) именувана „Гејм, плеј енд денс“ кој ја поврзува играта како инспирација, како претстава и како танц, и театарот и балетот како сцена за танц, претстава или игра, додека пак на платото пред црквата Св. Димитрија е поставена светлосната и звучна инсталација именувана „Оумиа“ – Циркус Луминесенц на уметникот Лео Батинели од Аргентина/Австрија.

До споменикот на Јустинијан е поставена светлосна инсталација врз триметарска маска. Раду Игнат од Романија е автор на делото „Безлични луѓе“, додека пак, на пат кон Градскиот парк, под мостот „Гоце Делчев“ се емитува видео проекција „Бувот“ од Бертранд Гаден, авторот на „Стаорецот“ и на „Златната рипка“.

Преку реката Вардар, врз фасадата на зградата на ЈП Водовод и канализација се проектира видео мапинг проекцијата „Светилник“ на РЕАК Продикција – соработка на Србија и Македонија. Дрворедот на улицата пак која поминува помеѓу Владата и кејот на Вардар е „населен“ од „Хибариа“ – мистериозно митско суштество, чудовиште со седум глави, скриено во шумите преку ден, кое се преобразува во својата вистинска форма само преку ноќ. Просторната светлостна инсталација изработена од рециклиран материјал е дело на Марко Ковачич од Словенија. Малку подолу на истата улица, кај кафеаната „Кај Жабарот“ е поставена и светлосна скулптура – голема топка од парчиња дрво, именувана „Чувајќи го зајдисонцето“ од Андре Бана од Португалија.

На скејт-паркот во 21 часот се изведува театарскиот перформанс „Алиса и чудата“ во изведба на Театар на сенки и облаци од Македонија, додека пак, во 22 часот на истото место се изведува перформансот „Микрокосмос“ на „Радио Ника“ од Србија.

Паркот на Франкофонијата е претворен во волшебен простор од светлина, бои и музика преку просторна светлосна инсталација на Горан Казанковски, а пак, остатоците од ресторанот „Езерце“ се „Инфицирани со живот“ преку стејт специфичната инсталација на Матеј Бижовичар од Словенија. На едно Гинко дрво во Градскиот парк е поставена интерактивна светлосна инсталација „Срцебиење на дрвото“ на Јанез Грошељ и Сабина Чернич од Словенија. Овој проект ја тематизира човековата поврзаност со природата, ставајќи ги двајцата заедно во заедничка рамка.

Концептот на овој интерактивен проект се потпира на светлосните елементи на дрвото, во чија крошна се вкрстени многу ЛЕД ленти. Овие ленти ги следат формите на индивидуалните гранки и создадваат органска структура која наликува на васкуларен систем во човечкото тело. Во Градскиот парк исто така може да се види и просторната инсталација на Соња Поповска Трајковска, именувана „Простор“ – инсталација која се состои од повеќе скулптури поставени во зеленило.

Во рамките на фестивалот „Скопје лајт арт дистрикт“, на Школката во Градскиот парк обезбедена е и „Чил зона“ – простор за забава, освежување и дружење на посетителите.

Тука присутните можат да се забавуваат со интерактивното светлосно цртање на Дарко Ристевски. За музичката програма пак на првиот ден од фестивалот беа задожени Гоце и Чваре. За вториот ден задолжен е Дени Сакс, во живо во 21 часот додека за третиот, Антена фајв лајв Диџејс.

Годинава, исто така, за првпат се организира и натпревар во видео-мапирање врз фасадата на зградата МЦМ, каде што девет домашни и меѓународни уметници ќе се натпреваруваат за СкЛАД 2019 Гран при „Златко Славенски“ која ќе се доделува на први јуни.

Членови на жирито на натпреварот во видео-мапирање се: Бетина Пелц (кураторка, писателка и истражувач од Германија), Ајмен Гарби (архитект и куратор од Тунис), Милчо Узунов (видео мапинг дизајнер од Македонија) и Бобан Манов (видео мапинг дизајнер од Македонија).