Од денес официјално стартува проектот „Здраво шампиони“, со кој здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“, ќе донира бесплатна спортска опрема и бесплатни члeнарини за спортски клубови за деца кои живеат во социјален ризик.
– Проектот е наменет за сите деца од 7 до 18 години кои сакаат аматерски или професионално да се занимаваат со спорт. Пријавувањето се врши преку училиштата, спортските клубови, на нашата фејсбук страница и на адресата: [email protected]. Ако не спортува, детето се изолира. Без среќни деца нема среќно општество, а ние работиме на тоа да биде така. На сите пријавени момчиња и девојчиња ќе им биде обезбедена комплетна спортска опрема, од патики до ранец – рече основачот и претседател на „Проект среќа“ Кристина Арнаудова, на денешната прес-конференција.
Таа дополни дека лани се реализирани шест успешни проекти со кои биле опфатени 2.000 деца, во кои се вклучиле 150 компании.
– Со проектот „И јас сум Дедо мраз“, догодина ќе конкурираме за Гинис, лани учество земаа околу 3.000 волонтери, а израдувавме над 700 деца – додаде Арнаудова.
На прес-конференцијата, се обрати и директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски, како соработник на овој проект.
– Со радост ја подржуваме оваа иницијатива. Спортот е важен за развојот на секое дете. Очекуваме да се пријават барем околу 1.000 деца на кои ќе се трудиме да им измамиме насмевки и да придонесеме за среќно општество за сите – изјави Каевски.
Претседателката на „Проект среќа“, Кристина Арнаудова го најави и следниот проект за деца, „Школо за музика и уметности“, што ќе се реализира со помош на компанијата „Армор плус“. Здружението паралелно работи и на акцијата „Среќно матуранти“, со која обезбедува комплетен стајлинг (облека, фризура, шминка) за матуранти и апсолвенти чии семејства тоа не можат да си го дозволат.
„Проект среќа“ лани исто така го реализираше овој проект, заедно со уште пет други: „Шарено лето“- бесплатен камп за деца во Маврово, „Среќна Школска година“- набавка на училишен прибор, помош на семејства кои живеат во социјален ризик на 17 октомври- светскиот ден на сиромаштијата, „И јас сум Дедо Мраз“- донирање на новогодишни подароци и детската едукативна театарска претстава за екологија и рециклирање – „Зелена планета“.
М.Т.