Раст на политичките тензии и голема незвесност се очекуваат Грција во следните неколку недели, откако започна одбројувањето до локалните и изборите за Европскиот Парламент. Премиерот Алексис Ципрас се надева на максимална придобивка од олеснителните мерки кои ги најави минатата недела, додека лидерот на конзервативната Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, има намера да ги екплоатира грешките на владата, констатираат од „Катимерини“.
Жестокиот судир на двајцата лидери во Парламентот на Грција во средата и значително поцивилизираната дебата во петокот изгледа дека создадоа услови за сериозно напнат предизборен период кај јужниот сосед.
Левичарите СИРИЗА, кои сè уште се зад НД на анкетите, изјавија за медиумите дека по обезбедувањето на доверба на владата во Парламентот, мерките кои ги донесоа за 2019 година ќе бидат изгласани оваа недела.
Премиерот, кој во саботата индицираше на тоа дека дополнителни мерки ќе бидат најавени во текот на оваа година, се надева на нивно силно социјално влијание, со цел да ги подобри шансите на изборите на неговата партија на престојните избори.
Целта на СИРИЗА, според „Катимерини“, е да ја ограничи победата на опозициската НД на Европските избори со на само 5 отсто од гласови. Ова ќе им создаде простор на левичарите да креираат соодветна кампања со поголем кредибилитет за парламентарните избори во октомври.
Доколку СИРИЗА до 26 мај на анкетите губи со поголема разлика од оваа (5 процентни поени), голема е веројатноста Ципрас да свика предвремени парламентарни избори.
Мерките кои ги вети Ципрас на гласачите се неговата најсилна карта, иако кредиторите во земјата изразија загриженост поради нивното силно фискално влијание.
Мицотакис, пак, се очекува да тргне кон неколкуте слаби точки на владата на Ципрас. Првенствено, цел на лидерот на Нова демократија ќе биде министерот за здравство Павлос Полакис, чии коментари за пратеникот на НД кој е во инвалидска количка, предизвикаа политичка бура која потоа го иницираше гласањето за доверба на владата, како и новите сознанија кои откриваат дека државата несоодветно реагирала на пожарите во Атика минатото лето. Дополнително, фотографиите од Ципрас кои се појавија во јавноста, каде што тој може да се забележи на јахта на еден бизнисмен неколку недели по трагедијата, дополнително ја влошуваат ситуацијата за премиерот.
Покрај сите овие точки, се очекува Мицотакис да поентира и со зголемената појава на беззаконие и проблеми кои ги предизвикуваат анархистите во Грција.