Од денеска граѓаните на Гостивар преку веб-апликација ќе можат да ги пријавуваат сите комунални проблеми, а ќе бараат и нивно решавање. Официјално, здружението на граѓани НЕКСУС-граѓански концепт денеска ја промовира и ја стави во функција платформата Пријави.мк. Овој пилот-проект тргна од Гостивар, а оваа општина е избрана токму поради тоа што е помала, но се соочува со голем број комунални проблеми. Платформата во иднина ќе се прошири и во други локални заедници и ќе се имплементира онаму каде што градоначалниците ќе покажат интерес за неа. НЕКСУС најпрвин ќе ги собере искуствата од Гостивар, а потоа ќе им ги претстави на градоначалниците на некоја од седниците на ЗЕЛС.
Веб-платформата Пријави.мк (Raporto.mk) ја користи отворената софтферска програма Фикс-мај-стрит, која се покажала ефикасна во Велика Британија и во повеќе од 20 други земји низ светот. Проектот „Граѓаните за општината – Работиме заедно за транспарентност и одговорност“ е имплементиран од здружението НЕКСУС-граѓански концепт и делумно е поддржан со грант од Амбасадата на САД во Скопје. Општината Гостивар, како локална заедница што го имплементира овој пилот-проект, веќе воспоставува комуникација со граѓаните преку Вибер и Ватсап, профилот на градоначалникот под името „Здраво Таравари“.
Целта е со оваа платформа да се зголеми учеството на граѓаните во утврдувањето и решавањето на секојдневните комунални проблеми на граѓаните во една локална заедница. Пријави.мк (Raporto.mk) е всушност онлајн-платформа во форма на веб-апликација, која има цел да ги прибира жалбите и пријавите на граѓаните во врска со јавните комунални услуги и нив да ги претстави на комуналната мапа на општината. Преку оваа апликација граѓаните ќе можат да пријавуваат неподигнати отпадоци, дупки на улиците, загадувачи на воздухот, чад од фабрики, домаќинства, запалени диви депонии, загадувачи на водите од отпадни води на фабриките, отпадоци во реките и езерата, проблеми со градското осветлување и низа други општински проблеми. Оваа платформа всушност треба да ја поттикне интеракцијата помеѓу граѓаните и локалната самоуправа, да го вклучи повеќе локалното население за тоа да може да ги искаже своите жалби, поплаки, сугестии. На овој начин граѓаните и поактивно ќе ја следат работата на локалната власт. Од друга страна, пак, прибраните информации на едно место ќе им дадат можност на комуналните претпријатија соодветно да ги канализираат проблемите и соодветно да ги решаваат. Проектот денеска се промовираше пред голем број организации од граѓанскиот сектор, пред институции, донатори и засегнати страни и соработници. Оваа платформа ја поздрави и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.
Афродита Муслиу, проектна менаџерка и претседателка на НЕКСУС-граѓански концепт, вели дека интегрирањето на платформата како дел од општината се заснова на добрата волја на градоначалниците. Сега со помош на новата веб-платформа ќе се поедностави процесот на пријавување жалби на жителите на Гостивар. Муслиу ги повика граѓаните на овој град активно да ја користат. Информираше дека за потребите на платформата и пријавување на проблемите, општината назначила одговорно лице, кое ќе ги прима и канализира пријавите до релевантните институции што треба да се потрудат да ги решаваат, а потоа тој повратно ќе ги информира граѓаните што ги доставиле пријавите до каде стигнале работите. Ова лице постојано ќе има контакт и со оние што го имплементираат проектот. С.К.