Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“ и „Тарифа“.
Минатото рочиште за „Титаник“ беше прекинато поради барањето на адвокатот Еленко Миланов за изземање на судечкиот совет, на претседателот на Кривичен суд и на судии од Апелацискиот суд во Скопје.
Судијата Осман Шабани, по паузата изјави дека барањето на адвокатот ќе го проследи до Апелацискиот суд.
Адвокатот Миланов побара изземање на судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев од овој предмет, бидејќи, како што кажа, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјавила за една телевизија дека дел од судиите биле прислушувани или ги имало во „бомбите“. Тој побара да се провери дали судиите Ставрев и Шабани биле прислушувани за што, како што рече, досега не добил одговор од СЈО.
Во „Титаник“, што е прв случај обелоденет од СЈО, покрај поранешниот премиер Никола Груевски, обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
На обвинителна клупа во Кривичниот суд денеска ќе седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица, обвинети во случајот „Тарифа“ за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“, вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.