Како идна членка на НАТО, Македонија има голем број безбедносни партнери, но сепак се истакнуваат релациите со две членки на НАТО, САД и Турција, со кои имаме потпишано договори за стратегиско воено партнерство, додека со нашите соседи Грција и Бугарија вакви слични процеси се во најава.
Познавачите на случувањата велат дека многу високо на листата на наши моќни сојузници стои турската армија, која истовремено е и најмногубројна војска во НАТО-сојузот.
Од нашата независност од Југославија досега, Турција како земја-членка на НАТО е голем пријател и стратегиски партнер, а хронолошки гледано, блиските безбедносни релации започнуваат од 1993 година, кога двете земји првпат потпишуваат договор за воена обука и соработка. Во меѓувреме се потпишани уште дополнителни триесетина договори за воено-финансиска помош, а соработката е фокусирана на обуката и обезбедувањето логистичка поддршка кон АРМ. Во изминативе години повеќе од 800 припадници на АРМ и на МО имаа привилегија да се школуваат и обучуваат во престижните воени центри за обука на Турција и да стекнат знаења и вештини од највисок степен во Турската воената академија и во тамошната воена школа ГАТА.
Турција истовремено е и голем донатор на борбена опрема и оружје на македонската војска, чии донации се бројат во вкупна вредност од над 20 милиони американски долари. Една од поголемите турски донации на АРМ, вредна околу два милиона долари, се воените маскирни униформи што ги користи нашата војска неколку години, кои се изработени со квалитет и целосна компатибилност со стандардите на НАТО. За обележување е и донацијата вредна 710.000 долари, во која генералскиот врв во Анкара на македонските колеги им додели воени возила од типовите „лендровер“ и „кобра“.
Блискоста меѓу армиите на Македонија и Турција е олицетворена и во заедничките мировни мисии што двете земји со здружени сили ги спроведуваат под закрила на НАТО во регионот на Блискиот Исток. За потсетување, првите македонски мировници во Авганистан во 2002 година беа дел од турскиот контингент, а последна соработка од ваков тип е онаа во мисијата насловена „Одлучна поддршка“, каде што АРМ придонесува со 12 штабни офицери и еден подофицер во главниот штаб на Командата за обука во Кабул, во рамките на турските вооружени сили во оваа земја.
Од друга страна, освен со војската на Турција, македонската армија има исклучително блиски и пријателски односи и со нашиот најголем безбедносен партнер САД. Оваа врска во безбедноста меѓу двете држави особено се зајакнува на 7 мај 2008 година, кога е потпишана декларацијата за стратегиско партнерство и соработка, која, хронолошки гледано, е четврти по ред стратегиски договор што меѓусебно го потпишале нашата земја и Америка. Овој документ следува поради неуспехот на американскиот претседател Џорџ Буш да издејствува членство на Македонија во Алијансата поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008. Токму поради овие случувања, по иницијатива на САД беше донесен предлог да се потпише декларација со која Америка ја гарантира безбедноста на Македонија. Со параф на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и на тогашната американска државна секретарка Кондолиза Рајс, во Вашингтон беше официјализирана соработката меѓу двете земји во форма на декларација. Овој документ за соработка од 2008-та се фокусира на три области: безбедност, трговија и врски помеѓу граѓаните.
За потсетување, безбедносните релации со САД започнуваат во 1990-тите години, со учеството на американскиот контингент војници во мисијата УНПРОФОР/УНПРЕДЕП како израз на признавањето на Македонија. Потоа овие врски се надградуваат кога Македонија и САД преку размена на ноти во ноември 1994 година склучија меморандум за разбирање во одбраната.
Врз основа на овој меморандум, досега се реализирани неколку соработки на воен план меѓу Македонија и САД, и тоа: обука на македонски војници во Америка, донации во оружје и опрема за АРМ, заеднички воени вежби и заедничко учество во мировни мисии. Во октомври 1995 година властите на државите склучуваат спогодба за научна и технолошка соработка на армиите, а две години подоцна е ставен параф на спогодбата за консолидација и репрограмирање одредени долгови. Во декември 2002 година, Македонија и САД склучија договор за заштита и зачувување одредени културни добра, а наредната година нашата земја се обврза за непредавање на американски војници на Меѓународен кривичен суд. Со овој договор не е можно предавање американски државјани од територијата на Македонија на Хашкиот суд за воени злосторства. Од друга страна, во последно време во јавноста се истакнуваат и информации што навестуваат дека е можно Македонија да изгради партнерства и со два соседа, Грција и Бугарија, кои може да се издигнат на стратегиско ниво, кое нашата држава досега го има со армиите на САД и на Турција. Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност, по неодамнешното интервју на грчкиот министер за одбрана Евангелос Апостолакис, кој за „Катимерини“ изјави дека стремежот на неговата земја е да стане главен стратегиски одбранбен партнер со Северна Македонија и сето тоа да биде дејствување во правец на одржувањето на мирот и зајакнувањето на соработката на Балканот.
Претходно, во февруари 2018 година, за време на посетата на нашата земја, бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека за Софија е исклучително важно да биде отворена темата за иницијатива за склучување договор за стратегиско партнерство меѓу Македонија и Бугарија. По состанокот со Радев, македонскиот претседател Ѓорге Иванов истакна дека соработката со Бугарија може да се издигне на ниво на договор што Македонија веќе го има со САД и со Турција.
Универзитетскиот професор Атанас Козарев вели дека е логичен фактот дека нашата земја склучува безбедносни договори за стратегиски партнерства и покрај државното членство во НАТО.
Професорот оваа своја аргументација ја образложува со тврдењето дека секое безбедносно пријателство, и покрај членството во НАТО, е битно во моменти во кои светот едноставно е размрдан од разни превирања и кризи.