Советот на судии во Апелацискиот суд Скопје ја уважи жалбата поднесена од јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со изречената пресуда во предметот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје, кој беше незадоволен од изречените казни.
Жалбата надлежниот јавен обвинител ја поднел во декември минатата година, незадоволен од висината на изречената казна за кривично дело „Трговија со дете“ со која тројцата обвинети, по признание на вина, беа осудени на казна затвор и тоа М.Д. во траење од 13 години, а Е.Ј. и С.Р. од по 12 години.
-Иако првостепениот суд пресудил затворски казни за сторителите, јавниот обвинител ценеше дека при определување на висината на казната, судот ги преценил олеснителните околности, на сметка на отежителните, па казните по својата висина не се соодветни и не претставуваат адекватен општествен прекор упатен кон обвинетите. Апелацискиот суд Скопје, уважувајќи ја жалбата на обвинителството, ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на првообвинетата и изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
За настанот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје, Обвинителството оформи предмет по допрен глас. Од прибраните докази во текот на истражната постапка се утврди дека во период од почетокот на декември 2017 година до 06.02.2018 година детето било жртва на трговија со луѓе, извршена од страна на осудените лица.