Командантот на американските сили на Блискиот Исток Џозеф Вотел изјави дека нема притисок за повлекување на војската на САД од Сирија до некој определен датум.

– Она што води до повлекувањето, секако, е нашата мисија, а тоа е пораз на Исламската држава (ИД). Тоа е нашиот главен фокус. Ние мора да ја гарантираме заштитата на нашите сили за да можат да бидат повлечени на начин кој не ги зголемува ризиците по нас – изјави Вотел пред Комитетот на вооружените сили при Претставничкиот дом на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди повлекување на сите 2.000 американски војници од Сирија во декември, откако изјави дека ја поразиле ИД во земјата. Ненадејната одлука беше и главна причина за оставката на Џим Матис од позицијата министер за одбрана.

Сепак, Пентагон минатиот месец соопшти дека 200 американски војници ќе се приклучат на единицата составена од околу 800 до 1500 луѓе, кои заедно со европските сојузници ќе останат и ќе ја следат безбедносната зона во северна Сирија, за која во моментов се преговара.

Покрај тоа, околу 200 американски војници ќе останат во базата Ат Танф, во близина на границата на Сирија со Ирак и Јордан.