Од пожарите кои во текот на вчерашното попладне избувнаа во кичевскиот регион на три различни локации, едниот е целосно изгаснат додека двата поголеми пожари се локализирани. Oд трите пожари најголемиот се случи над село Гарани на потегот кон село Шутово, каде што беа опожарени над дваесет хектари борова шума.

– Пожарот кој вчера избувна над селото Гарани, со голема брзина се прошири кон село Шутово, зафати површина од околу 20 хектари борова шума. На овој пожар се делуваше од земја и од воздух. Авионите за гасење пожари извршија 5 прелети над жариштето на пожарот, екипи на шумското стопанство „Лопушник“ за цело време беа крај огнената стихија како и екипи на ТППЕ Кичево и месното население. Со голем ангажман од сите фактори, пожарот е локализиран и не постои опасност од негово ширење, направена е тампон зона, додека во жариштето на пожарот догоруваат преостанатите борови стебла и за цело време истиот е под целосен надзор – рече Леоне Станишоски од ДЗС Кичево.

Во исто време во близина на село Колибари избувна шумски пожар, од кој беше зафатена дабова шума со површина од околу 10 хектари. Поради близината на пожарот до селските куќи, на истиот мораше енергично да се интервенира, како не би дошло до опожарување на селото.

– Во текот на вчерашното попладне во близина на село Колибари избувна голем шумски пожар во кој беа зафатени околу 10 хектари дабова шума. Поради близината на селските куќи, на овој пожар најпрво се интервенира од воздух, а за цело време се делуваше и од земја, каде беа активини противпожарните екипи и месното население. Пожарот е локализиран, спречено е негово натамошно ширење и најдоброто од се е што не се зафатени селските куќи. И на двете локации сеуште дежураат екипи од шумското стопанство Лопушник, како не би дошло до нивно реактивирање. И во двата случаи се работи за горење на стрништа од каде огнената стихија се проширила во шумските појаси – додаде Станишоски.

Третиот пожар избувна на Туинска планина каде гореше ниско стеблеста и деградирана шума и сува трева. Овој пожар е целосно изгасен и не постои опасност од негово реактивирање. Од ДЗС апелираат до жителите од регионот, да внимаваат да не палат огнови на отворено и пред се стрништа и други површини, од каде потоа пожарот се шири и во шумските појаси.

З.А.