Цивилите веќе не ќе можат да бегаат од судирите и бомбардирањата во Сирија, бидејќи границите се строго контролирани, а соседните држави се преполни со бегалци, изјави високиот комесар на Обединети нации за бегалци, Филипо Гранди.
Тој се надева дека оваа година ќе се соберат 5, 6 милијарди долари од меѓународните донатори за итна хуманитарна помош за сириските бегалци, но напомена дека тие пари не се наменети за самата Сирија, туку за државите, кои им даваат засолниште на сириските бегалци, како што се Јордан, Ирак, Египет и Либан.
Гранди предупредува на нова катастрофа доколку сирискиот град Идлиб, кој е под контрола на бунтовниците, биде следната мета на сириската војска.
– Таа земја станува замка, на поединечни места замка на смртта за цивили – изјави Гранди на донаторската конференција за Сирија.
Според него, станува збор за едно од најлошите страдања во модерната историја.
Околу 5,5 милиони Сиријци живеат како бегалци во Ирак, во Јордан, во Либан и во Турција, а сега сочинуваат околу една четвртина од либанската популација.
Уште 6,1 милион лица и натаму се наоѓаат во Сирија, но се принудени да ги напуштат своите домови.
Обединетите нации проценуваат дека повеќе од 400.000 цивили се заглавени во зоните под опсада ширум Сирија.
Се претпоставува дека таа бројка може драстично да се зголеми, бидејќи два милиона луѓе живеат во регионот на североисточниот регион на Идлиб, најнаселена област во Сирија, која е во рацете на бунтовниците кои се борат против Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад во Дамаск.
Гранди и други хуманитарни агенции предупредуваат дека сириските бегалци веќе нема да имаат каде да бегаат, бидејќи турската јужна граница со Сирија кај Газиантепе е под строга контрола, и тука најчесто се пропуштаат конвои со хуманитарна помош за Идлиб, но бегалци се враќаат.
– Мислам дека ќе изгубиме не само една генерација, туку целата популација – заклучи Гранди.