Собранието попладнево, во рамки 81. седница, оцени дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Министерот за финансии Драган Тевдовски објасни дека со измените ќе се регулира начинот на продажба на задолжителните нафтени резерви во случај на настанување нафтена криза, како и во исклучителни ситуации кога ќе се јави потреба да се изврши обновување на дериватите.
Со измените, рече, се врши и усогласување со одредбите од новиот закон за енергетика и се овозможува Дирекцијата за задолжителни резерви да изврши обновување на нафтени деривати во постапка која ќе ги минимизира претпрените загуби.
-Во постојниот Закон за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати воопшто не е регулирана продажбата за обновување нафтени деривати, односно е регулирана само продажбата на деривати во задолжителните резерви во случај на нарушување на енргетската ефикасност и тоа по пат на јавно наддавање согласно прописите, укажа Тевдовски.
ВМРО-ДПМНЕ повика Владата да го повлече ваквото законско решение зашто со него, како што истакна пратеникот Драган Цуклев, на македонскиот пазар ќе се овозможи влез на исклучително неквалитетно гориво.
-Правите вовед во катастрофа. Се работи за нафтените резерви во кои се чуваат стари горива со драстично намален квалитет. На пазарот ќе се јават бензин 95 и екстра лесно гориво со многу лош квалитет кои ќе влијаат негативно врз економијата и аерозагадувањето. И така на пазарот врие екстра лесно за транспортни цели, ова ќе биде дополнително вбризгување неквалитетно гориво за комерцијални цели. Не може ни да се предвиди колкави ќе бидат штетите од донесувањето на овој закон, предупреди Цуклев.
Пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ претходно ги спротивставија ставовите и околу измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита кој сепак го помина собранискиот филтер.
Расправата се уште трае, а ќе заврши, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, кога ќе бидат исцрпени останатите точки од дневниот ред. За утре останува интерпелацијата по работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров што ја поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а беше одложена поради негово отсуство на седницата.