Најдолгиот бетонски пешачки мост на светот, изработен со технологијата на 3Д печатење, отворен е во Шангај.
Мостот е долг 26,3 метри, а широк 3,6 метри.
Новиот мост е подигнат во квартот Баошан, а во неговата изградба биле користени модерни градежни техники.
Проектант е професорот Су Веи Гуо од универзитетот Циг Хуа во Пекинг, а изграден е од 44 бетонски компоненти кои се изработени со 3Д технологија.
Бетонските компоненти се печатени со помош на две „роботски раце“, а за нивната изработка беа потребни 450 часа.
Според проценките на стручњаците, во споредба со конвенционалниот процес на градба, заштедени се 33 отсто од предвидените средства.
Пред почетокот на изградбата на мостот, стручњаците направиле помал модел со кој го тестирале целиот проект. Целта на тестирањето била да се испита дали мостот може да ги издржи пешаците кои поминуваат преку него и кои се задржуваат на целата површина. Во мостот е вграден и систем за следење во реално време што ги надгледува евентуалните деформации и поместувања.
За разлика од традиционалните мостови, во овој не е вграден армиран бетон. Изграден е од материјали што можат да издржат сонце и дожд доволно долго, со што ги исполнува националните градежни стандарди.
Водителот на проектот појасни дека сложените закривени површини на мостот можеле да се постигнат само со користење на технологијата на 3Д печатење.
Првиот бетонски мост изграден со технологијата на 3Д печатење беше отворен во октомври 2017 година во Холандија.