Шведскиот квартет „Стенхамар“ остави силен впечаток кај публиката на фестивалот „Охридско лето“ музицирајќи вчеравечер во катедралната црква „Света Софија“.
Виолинистите Петер Олофсон и Пер Оман, виолистот Тони Бауер и виолончелистот Матс Олофсон вечерта на класична музика ја започнаа со дело од шведскиот композитор В.Стенхамар, „Елегија и Интермецо“ од свитата „Лодолеци пее“ , а музичичкото уживање кое се претвори во празник за сетилата, продолжи со Шубертовиот квартет бр. 4 во C-dur. Вечерта беше заокружена со прекрасната изведба на Равеловиот Квартет F-dur.
Фантастична црква, навистина неверојатно место за свирење. Акустуката е преголема поради камените ѕидови, но сметам дека и публиката која го исполни гледалиштето беше перфектна. Започнаваме со дело од шведскиот композитор Стенхамар, кратко но театрално дело за гудачки квартет. Потоа го свириме Шуберт, негово рано дело кое го напишал на 16 години. Гудачкиот квартет од Морис Равел исто така е многу познато дело во репертоарите на гудачките квартети. Првпат сме на „Охридско лето“ како квартет. Одлучивме да останеме уште еден ден за да го разгледаме Охрид и да уживаме во неговите убавини, а потоа заминуваме за Стокхолм, рече виолинистот Пер Оман.
Основан во 1995 година, квартетот „Стенхамар“ низ годините се профилира како еден од најинтересните и многу респектирани квартети во Скандинавија. Нивното енергично, а истовремено технички рафинирано музицирање придонесува тие редовно да бидат присутни на фестивали за камерна музика не само во Шведска, туку и во Англија, Полска, Германија, Данска, Финска, Алжир, Индија и Јапонија.Нивниот репертоар во голема мера се фокусира на делата на Стенхамар и на дела од шведски композитори, но тие не ги занемаруваат делата од други, значајни композитори кои твореле за ваков состав, ставајќи посебен акцент на современата музика. Досега имаат нарачано и премиерно изведено повеќе од 30 дела од современи композитори.