Фото: Маја Јаневска-Илиева

Обвинителката Вилма Русковска себеси не се гледа во ликот на Катица Јанева, која исто така беше разрешена од функцијата во СЈО, како што истакна по поднесување жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители.

– Не се гледам во ликот на Катица Јанева. Не сум ја злоупотребила функцијата, немам намера да ја злоупотребувам, а особено не за парични средства како што беше докажано. Не ја споредувам мојата судбина со истата. Сметам и повторно сакам да нагласам дека се што е преземено во предметите е согласно законите – кажа Русковска.

Русковска не се гледа ниту како републички обвинител, бидејќи тој се предлага од Владата.

– Не верувам дека ќе бидам нивни предлог – кажа Русковска.

Таа кажа дека е поддржана од колеги од регионот кои и нуделе помош и поддршка, како и дека и се јавиле судии и обвинители, како и адвокати од Македонија.

– Не сум се чула со јавниот обивинител, воопшто. Во врска со повикот до меѓународната заедница, сакам да истакнам дека јас не очекував јавно да се вмешаат во работата на обвинителството и судот. Тоа беше повеќе до јавноста, дека немам што да кријам – кажа Русковска.

Нејзин заменик до в.д. шеф на обвинителството веројатно ќе биде Лиле Стефанова, која доаѓа од СЈО. Русковска рече дека нема зошто да не ѝ верува.

– Таа е избрана од Советот на јавни обвинители во ОЈО-ГОКК. Доколку членовите на советот и дале доверба, нема зошто јас да немам доверба во неа. Во годишниот распоред ја ставив раководeител во Одделението за гонење на лица со полициски овластувања, која е важна функција – кажа Русковска.