Излегува дека дизајнот на прозорците на авионот има поголема цел отколку да овозможи естетски пријатни фотографии од птичја перспектива. Но, што е со нивната најпрепознатлива карактеристика: зошто прозорците на авионите се заоблени?
Ако побарате мало дете да нацрта авион, најверојатно ќе ги нацрта прозорците на патниците како мали и овални, но авионите не изгледале секогаш така. „Де хавиленд комет“, ран дизајн на комерцијални авиони, направи квадратни прозорци. Но само за пет години од нивното претставување, трите авиони доживеаја серија трагични несреќи.
По третата несреќа во 1954 година, истрагата утврди дека сите три несреќи биле предизвикани од испукани прозорски рамки – резултат на нивниот квадратен дизајн. Утврдено е дека квадратните прозорци лошо се справуваат со стресот предизвикан од зголемениот притисок во кабината што доаѓа со летање на големи височини.
Меѓутоа, големата височина е неопходен елемент на комерцијалниот лет, високо на небото, има помалку отпор, што пак значи помалку потрошено гориво. Тоа е идеално за авиокомпаниите, бидејќи им заштедува пари и го намалува влијанието на летањето врз животната средина. Има и помали турбуленции на поголеми височини, што го прави летот поудобен, пишува „ИФЛ сајенс“.
Кое беше решението? Да се заменат квадратните прозорци со овални. Тоа помага рамномерно да се распредели притисокот што се прави на прозорецот, со што се намалува веројатноста за пукање. Освен елементот на зголемена безбедност, има уште некои површни придобивки.
– Дизајнерите претпочитаат овални прозорци бидејќи тие можат да добијат поголема површина за гледање за да се приспособат на најширокиот опсег на висини на седиштата на патниците – објасни Даи Витингем, извршен директор на Одборот за воздухопловна безбедност на Велика Британија.