Носорозите се на работ на истребување, жирафите се прогласени за чувствителен вид, а популацијата на африканските слонови од саваната паднала за 30 отсто

Климатските промени предизвикани од човекот, губењето на живеалиштата и ловокрадството се главните причини за слабеење на зачувувањето на дивиот свет и сè поинтензивната закана за животните на многу меридијани на планетата. Според податоците на Меѓународната асоцијација за зачувување на природата, 41 отсто од сите водоземци и 25 отсто од цицачите во моментов се загрозени.

Судан е последниот машки бел носорог на планетата

Најновиот додаток на црната листа на чувствителни видови се жирафите. Овие животни имаат сѐ помалку простор за живот.
– Луѓето почнаа да ја расчистуваат земјата што им беше потребна за земјоделство, а во тој процес жирафите почнаа да умираат поради недостиг од храна. Луѓето убиваа и жирафи ако ги пронајдеа во нивните култури – изјави Алекс Мотуко од Центарот за жирафи, пренесува „Гласот на Америка“.
Судан е последниот машки бел носорог на планетата. Само од него зависи иднината на неговиот вид. Носорозите се доведени до работ на истребување бидејќи се жртви на ловокрадство. Имено, нивните рогови се продаваат како афродизијак во некои азиски култури. Заштитниците на животните се обидуваат да ги спасат така што им ги вадат роговите за да ги одвратат ловокрадците, но дури и тие драстични мерки можеби не се доволни.
– Можеби ќе дојде ден кога на сите носорози ќе им бидат извадени роговите, но сепак ќе вреди да се убие тоа животно за само 400 или 500 грама рог, бидејќи цените по кои се продаваат роговите се толку високи што се исплати да ги убиете и за половина килограм – забележа ветеринарот Жак Фламан.
Една нова студија покажа дека популацијата на африканските слонови од саваната се намалила за 30 отсто помеѓу 2007 и 2014 година и продолжува да се намалува за околу осум отсто секоја година.
Меѓутоа, има премногу слонови во други области, па затоа конзерваторите започнаа проект за преместување за да ги вратат во нивниот историски опсег. Други животни потешко се наоѓаат, како на пример, гревиевата зебра. Ги има само 2.500 во целиот свет.

Големата бела ајкула во Јужна Африка на работ на истребување

Орангутаните и нивните роднини горилите се исто така загрозени видови. Еколозите веруваат дека големата бела ајкула во Јужна Африка исто така е на работ на истребување. Но има и добри вести. Недостижниот снежен леопард се врати, а системите за следење проценуваат дека сега има дури 140 во авганистанскиот национален парк Вакан.
Научниците од Виетнам и од Тајланд исто така додадоа голем број видови во книгите по експедицијата во регионот Меконг. Меѓу новите откритија се змија со глава на виножито, гуштер со застрашувачки изглед наречен бонк и влечуги што живеат на дрвја во Тајланд.
– Возбудливо е што наоѓаме нови видови, што ни дава поттик да направиме уште повеќе. Значи, не само што го заштитуваме нивното живеалиште, кое е исто така корисно за луѓето, туку работиме напорно за да обезбедиме овие видови да не исчезнат поради трговијата, бидејќи работиме и на промена на навиките на луѓето во однос на консумирање диво животинско месо на начин што не е одржливо – рече Николас Џ. Кокс од Светскиот фонд за природата.