Загадувањето на воздухот помага да се зголеми отпорноста на антибиотиците, што претставува значајна закана за здравјето на луѓето низ светот, покажува новото глобално истражување.
Анализата, користејќи податоци од повеќе од 100 земји собрани во период од речиси две децении, покажува дека зголеменото загадување на воздухот е поврзано со зголемената отпорност на антибиотици во сите земји и континенти, пренесува „Гардијан“.
Исто така се сугерира дека врската меѓу нив се зајакнала со текот на времето, со зголемувањето на нивото на загаденост на воздухот, што се совпаѓа со поголемото зголемување на отпорноста на антибиотици.
– Нашата анализа дава силни докази дека зголеменото ниво на загаденост на воздухот е поврзано со зголемен ризик од отпорност на антибиотици. Оваа анализа е прва што покажува како загадувањето на воздухот влијае на отпорноста на антибиотици на глобално ниво – напишаа истражувачите од Кина и Велика Британија, чии наоди беа објавени во списанието „Лансет планетари хелт“.
Отпорноста на антибиотици е една од најбрзорастечките закани за глобалното здравје. Таа може да влијае на луѓе од која било возраст во која било земја и веќе се проценува дека убива 1,3 милион луѓе годишно. Главните двигатели сè уште се злоупотребата и прекумерната употреба на антибиотици, кои се користат за лекување инфекции. Но студијата покажува дека проблемот се влошува со зголемувањето на нивото на загаденост на воздухот.
Студијата не се осврна на тоа зошто двете би можеле да бидат поврзани. Авторите велат дека доказите сугерираат дека честичките ПМ2.5 може да содржат бактерии отпорни на антибиотици и резистентни гени што може да се пренесат помеѓу околината и директно да бидат вдишени од луѓето.
Според ова истражување, намалувањето на загадувањето на воздухот би можело да помогне да се намали отпорноста на антибиотици. Исто така се наведува дека контролирањето на загадувањето на воздухот може во голема мера да ги намали смртните случаи и економските трошоци што произлегуваат од инфекции отпорни на антибиотици.
– Досега немавме јасна слика за можните врски меѓу нив, но оваа работа сугерира дека придобивките од контролирањето на загадувањето на воздухот би можеле да бидат двојни: не само што ќе се намалат штетните ефекти од лошиот квалитет на воздухот туку, исто така, ќе се одигра и важна улога во борбата против зголемувањето и ширењето на бактериите отпорни на антибиотици – рече водечкиот автор на студијата, професорот Хонг Чен од универзитетот „Жеџијанг“ во Кина.