Фото: Пиксабеј

Археолозите во Казахстан открија шестаголна структура стара 3.800 години, која ја опишуваат како „пирамида“. Структурата слична на лавиринт не е толку висока како египетските споменици, но моментално е висока околу три метри и веројатно служела како гробница за елитата. Ова откритие не е слично со што било што е пронајдено претходно во евроазиските степи, се наведува во соопштението на Евроазискиот национален универзитет во Казахстан.
– Оваа пирамида во областа на источен Казахстан е пронајдена годинава. Таа е во хексагонална форма, со мегалити со тежина до еден тон поставени во секој агол – вели во изјава за „Лајв сајенс плејс“ Улан Умиткалиев, шеф на Одделот за археологија и етнологија на Евроазискиот национален универзитет, кој ги води ископувањата.
Додека археолозите го користат терминот „пирамида“ или „скалеста пирамида“ за да го опишат, споменикот од бронзеното време не е сличен на пирамидите пронајдени во Египет.

– Неговите надворешни камени ѕидови формираат шестаголник, внатрешните ѕидови на структурата изгледаат како лавиринт што води до гробница во срцето. Деловите некогаш биле покриени со земјена тумба. Не е јасно дали некогаш имало покрив над дел од структурата или дали била целосно отворена – додаде Умиткалиев.
Луѓето што живееле во овој регион во тоа време подигнале голем број гробови и камени споменици и се занимавале со метална обработка и правење накит. Нивната економија може да била делумно пастирска, држејќи голем број животни во евроазиските степи. Надворешните ѕидови на пирамидата се украсени со петроглифи или цртежи на карпите на разни животни, вклучувајќи камили и многу коњи, се наведува во соопштението.
– Радиојаглеродното датирање на органските остатоци од пирамидата покажува дека структурата е изградена во текот на 19 век пред новата ера. Слични споменици се наоѓаат во областа Казахстан, особено во централниот дел на Казахстан – рече Умиткалиев.
Ископувањето на местото и анализата на неговите остатоци се во тек, но археолозите досега пронајдоа керамика, женски златни обетки и други парчиња накит. Не е јасно дали сè уште има човечки остатоци.