Коосновачот на „Епл“, Стив Возниак, предупреди дека вештачката интелигенција може да го отежне идентификувањето измами и дезинформации, пишува „Би-би-си“.
Возниак рече дека се плаши дека технологијата може да ја користат „лоши актери“. Тој додаде дека содржината на вештачката интелигенција треба да биде јасно означена и дека е неопходно овој сектор да се регулира со закон.
Токму тој потпиша писмо заедно со Илон Маск во март во кое повикува да се запре развојот на најмоќните модели со вештачка интелигенција. Возниак во светот на технологијата е познат како Воз и се смета за ветеран од Силициумската Долина што го основал „Епл“ со Стив Џобс и го измислил првиот компјутер на „Епл“. Во интервју за „Би-би-си“, тој зборуваше за предностите на технологијата за вештачка интелигенција, но и за тоа што го загрижува.

– Вештачката интелигенција е толку интелигентна и отворена за лоши играчи, оние што сакаат да ве измамат за тоа кои се – истакна Воз.
Терминот вештачка интелигенција опфаќа компјутерски системи што можат да извршуваат задачи што вообичаено бараат човечка интелигенција. Тука спаѓаат чет-ботови способни да разберат прашања и да одговорат со „човечки“ одговори, а системот е способен и да препознава предмети на фотографиите.
Возниак не верува дека вештачката интелигенција ќе ги замени луѓето бидејќи нема емоции, но предупреди дека „лошите актери“ ќе изгледаат уште поубедливо бидејќи програмите како ЧетГПТ можат да креираат тест што звучи многу интелигентно.
Тој смета дека луѓето мора да преземат одговорност за она што вештачката интелигенција го создава и објавува јавно, а исто така смета дека е неопходно да се има закон што ќе ги спречи компаниите да „се извлечат од сѐ“. Од друга страна, тој е скептичен дека тоа ќе се направи како што треба.
– Мислам дека силите што сакаат пари секогаш победуваат, што е тажно – рече Возниак.
Тој е компјутерски пионер што верува дека светот не може да ја запре технологијата, но може да се подготви и подобро да се едуцира за да забележи злонамерни обиди за кражба на лични информации.