Фото: Пиксабеј

Истражувачките примероци собирани со децении во медицинското училиште во Шведска беа уништени бидејќи замрзнувачот не функционирал за време на божиќните празници. Примероците се ладеле во резервоари со течен азот, на температура од -190 степени Целзиусови, во институтот „Каролинска“ во Стокхолм, пренесува „Гардијан“.
Институтот „Каролинска“ е седиште на Нобеловото собрание што го одредува добитникот на Нобеловата награда за физиологија или медицина.
Некаде помеѓу 22 и 23 јануари дошло до прекин во снабдувањето со течен азот на 16 цистерни. Резервоарите можат да поминат четири дена без дополнителен азот, но бидејќи вработените биле на одмор, тие биле оставени без надзор пет дена, што доведе до расипување на примероците од неколку институти.
Мати Салберг, декан на јужниот кампус на институтот „Каролинска“, рече дека тоа се случило во најлошото можно време. За инцидентот била известена полицијата. Некои медиуми проценија дека вредноста на уништените примероци е околу 43 милиони евра. Деканот не даде точна процена, но рече дека штетата е во милиони.
– Најпогодени се истражувачите на леукемијата, бидејќи тие ги собираат овие примероци повеќе од 30 години – рече тој.
На универзитетот започна внатрешна истрага, но нема индиции за саботажа. Сите примероци беа користени исклучиво за истражување, така што пациентите нема да бидат директно засегнати.
– Ова се примероци што беа предмет на опсежни студии и имаше планови за повеќе студии – рече Салберг.