Фото: Пиксабеј

Повеќе од четириесет американски сојузни држави ја тужеа компанијата „Мета“, сопственичката на Фејсбук и Инстаграм, тврдејќи дека поради своите профити му штети на менталното здравје на младите, бидејќи нејзините социјални платформи предизвикуваат зависност, и ги доведува луѓето во заблуда за безбедноста на своите платформи.
Во тужбата поднесена до Федералниот суд во Оукленд, државите тврдат дека „Мета“ постојано ја заведувала јавноста кога станува збор за тоа колку се опасни нејзините платформи и свесно ги охрабрувала помладите деца и тинејџерите компулсивно да ги користат социјалните мрежи.

Национална криза за менталното здравје

Истражувањето покажа дека користењето на платформите за социјални медиуми на „Мета“ е поврзано со депресија, анксиозност, несоница, нарушувања во образованието и секојдневниот живот кај младите луѓе, како и со многу други негативни исходи, се наведува во тужбата.
„Мета“ ги експлоатираше младите корисници создавајќи манипулативен бизнис-модел дизајниран да го максимизира времето што го поминуваат на социјалните платформи иако тоа му штети на нивното здравје. Мотивот е профит, се вели во тужбата во која меѓу другото се бараат и големи казни. Американскиот хирург Вивек Мурти претходно оваа година повика на акција за тоа како опкружувањето на социјалните мрежи повеќе да не им штети на младите корисници.
– Ние сме среде национална криза за менталното здравје на младите и загрижен сум што социјалните медиуми се важен мотор на таа криза што мора итно да ја решиме – рече тој.
Неколку држави донесоа закони со кои им забрануваат на младите да пристапуваат до социјалните медиуми без дозвола од родителите.
„Мета“ одговори дека е „разочарана“ од тужбата и дека сојузните држави не соработуваат со голем број интернет-компании за да создадат стандарди соодветни на возраста.
„Мета“ тврди дека развила повеќе од 30 алатки во своите апликации за поддршка на тинејџерите, како и за да им олесни на родителите да ги „обликуваат“ нивните онлајн активности. Оттаму сметаат и дека е разочарувачки што само таа компанија е издвоена, наместо да се бараат решенија на ниво на целиот сектор, со ривали како Тикток, Јутјуб или Снепчет.
– Социјалните мрежи можат да бидат и место каде што младите луѓе што се борат со други проблеми ќе најдат поддршка или заедница – истакнуваат од компанијата од Силициумската Долина.

Резултат на истрага во САД

Јавниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, изјави дека тужбата е резултат на истрага во САД, објавена во ноември 2021 година.
– Нашата двопартиска истрага дојде до важен заклучок: „Мета“ им штети на нашите деца и тинејџери, развива зависност за да го зголеми корпоративниот профит – рече тој.
Истрагата беше поведена откако свиркачот на Фејсбук, Френсис Хауген, објави повеќе од 20.000 страници со внатрешни документи, кои поттикнаа критики дека „Мета“ го става профитот пред безбедноста на корисниците. За време на сведочењето пред американските и европските законодавци во 2021 година, Хауген тврдеше дека „Фејсбук“ не успеал да ја спречи токсичната содржина и не може да му се верува дека ќе се промени.
Подоцна истата година, „Фејсбук“ го смени името во „Мета“, а критичарите сметаат дека причината за тоа е токму дистанцирањето од контроверзиите, пишува „Зимо“.
Шефот на компанијата, Марк Закерберг, тогаш тврдеше дека е длабоко нелогично социјалната мрежа за профит намерно да промовира содржина што ги лути корисниците.