Деновиве излезе од печат новото книжевно дело на Зоран Пејковски насловено „Фитилот догорува. Рецензенти се митрополитот преспанско-пелагониски господин Петар и македонскиот писател Владимир Илиевски. Тоа е драма во стих во шест сцени со пролог и епилог, која е посветена на 130-годишнината од формирањето на ВМРО, 120-годишнината од Смилевскиот конгрес и 120-годишнината од Илинденското востание.
Пејковски преку специфичен драмски заплет и различни сцени ги отсликува различните периоди, но и моменти од македонската историја… Во една од сцените се говори за суштественоста и организираноста на организацијата ВМРО, како трајна обединувачка мисија на целиот македонски народ. Меѓу ликовите се Спиро Келиманов (човек на Гоце Делчев), Нечо од Битола, Андон Ќосето (пајтонџија на д-р Христо Татарчев), Аргир Манасиев, Иван Телјатинов и други, кои се залагале Македонија да биде една и единствена, заштитувајќи ја дури и од пропагандистичките структури. Забележана е и средбата на Гоце Делчев и Даме Груев пред Смилевскиот конгрес, но и состојбите на Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија, за да се случи македонската илинденска епопеја.
– Преку драмата во стих „Фитилот догорува“, авторот успеал на свој начин да протолкува и да претстави дел од историските настани во Македонија низ галерија на историски ликови: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров, Христо Батанџиев, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов – пишува во својата рецензија митрополитот Петар.
Во драмата во стих „Фитилот догорува“ е испочитувана поставеноста помеѓу историографијата и книжевната креација.
– Пејковски го гради своето дело врз принципот „како би можело да биде“ наспроти историографското „како било“. Со ова се покажува како доследен приврзаник на оваа Аристотелова премиса – вели Илиевски.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог, доцент на „Европа прима“ од Скопје. Автор е на 23 драмски дела, шест сценско-драмски рецитали, 25 поетски книги, роман, четири научноистражувачки книги од театрологијата и др.