фото: М.Т.

Денеска беше промовирана новата дуетска песна на Александар Тарабунов-Тара и на Димитар Андоновски, нивно заедничко дело, со наслов „Ќе преживеам“.

Станува збор за брза нумера, во латино ритам, со елементи на етно, која има големи шанси, благодарение и на впечатливата видео приказна, да стане вистински летен хит.

Дуетот е резултат на долгогодишна соработка и пријателство меѓу овие наши успешни и талентирани пејачи и е најава за она што ќе следува од нив во периодот што доаѓа.

– Со Димитар веќе две години се договарамео да снимие дует. Често сме заедно, бидјеќи соработуваме во претставите на кабарето во Битола, пееме заедно и одлично ни се совпаѓаат гласовите. А што се однесува до оваа песна, се случи многу спонтано, во Грција, додека седев на плажа ми дојде дел од мелодијата, му ја пуштив на Диме во Битола и рече: „Тоа е тоа, ајде да седнеме да работиме“. И текстот го пишувавме спонтано, нафрлавме збор,строфа а и насловот самиот се појави пред нас. Заедно го направивме и аранжманот, коцките сами се наредија и целата приказна се зоакружи. Го снимивме и спотот во убавиот амбиент на винаријата„ Вила Марија“ во Демир Капија во режија на Владислав Гавриловски – рече Тара на денешната пладневна промоција во Скопје.

Песнаат е снимена во студиото на Димитар во Битола, акустичните гитари ги свири Тара, а Андоновски свири виолина, додека на бас е познатиот хит мејкер Лазар Цветковски.

Дека оваа соработка и музичката приказна нема да завршат тука доволно зборува и создавањето на „77 ентертејмент“, нова музичка продукција која под својата капа ќе стави низа домашни изведувачи кои ќе добијат третман каков што доликува.

– Продукциската куќа „77 ентертејмент“ ќе има повеќе дејности, но примарна е снимање и продукција на квалитетна македонска музика, ќе имаме и свои екслузивци, но ќе подржуваме и откриваме млади таленти, ќе организираме концерти и други настани. Сите заедно, со помош на медиумите ќе се потрудиме македонската популарна музика да ја издигнеме на едно повиско ниво, барем да биде како што беше некогаш – рече Димитар Андоновски на промоцијата.

Во текот на летото планирани се повеќе заеднички настапи и концерти на Тара и Димитар, во Скопје, Битола и низ цела Македонија.

М.Т.