Еден од најзначајните објекти во Стоби е Епископската базилика, позната како Базилика на епископот Филип. Истражувањата дадоа значајни податоци за одделните конструкции на овој објект, потоа за извесните доградувања, за обновата и функцијата на одделни простории, вели Блага Алексова, македонски археолог и академик, нарекувана и прва дама на македонската археологија
Малку градови во доцноримскиот христијански период на урбан потесно дефиниран простор зачувале остатоци од толку голем број сакрални култни градби како што е во Стоби. Денес, по толку години голем број откриени сакрални градби, далеку сме да ja познаваме вистинската топографија на ранохристијанската архитектура во Стоби и неговата најблиска околина. Големи подрачја, внатре во ѕидините на градските бедеми, се сосема непознати. Откриените базилики во градот и во блиската околина ветуваат нови археолошки податоци. На повеќе подрачја надвор од градот се регистрирани остатоци од стари сакрални објекти, ораториуми, мемории, какви што има и под темелите на откриените базилики во самиот град.
Христијанството во Стоби многу рано е организирано и зацврстено. Градот станал епископско седиште, ако не порано, тогаш во 325 година. Постои и претпоставка дека Стоби уште при крајот на 4 век е воздигнат на ранг на митрополија, која имала три епархии, и тоа: Стобска, Баргалска и Запарска. Стоби станал и главен град на Македонија Салутарис, кога Македонија е поделена во две провинции.
Во текот на 4-5 век во Стоби се изградени или обновени повеќе сакрални градби и објекти. Тоа се Северната и Централната базилика, потоа обновата на Старата епископска базилика и подигањето над нејзините урнатини на Епископската базилика во 5 век. Поради сѐ поголемиот број на жители во градот и блиската околина покрај Гробјанската базилика од IV век, подигнати се уште неколку гробјански цркви во околината, и тоа базиликата во Паликура, Росоман, Транс Еригон и култната градба во самата Паликура.
– Еден од најзначајните објекти во Стоби е Епископската базилика, позната како Базилика на епископот Филип. Истражувањата дадоа значајни податоци за одделните конструкции на овој објект, потоа за извесните доградувања, за обновата и функцијата на одделни простории – вели Блага Алексова, македонски археолог и академик, нарекувана и прва дама на македонската археологија.
Црквата во целост е откриена до нивото на подот во 1920-1930 година. Истражувањата укажаа дека црквата била подигната западно од театарот, на една долга вештачка тераса, на спротивната страна од полукружниот плоштад.
Канцелот од постарата фаза го сочинуваат мермерните седишта од театарот, додека помладиот е изработен од црвеникава бреча, за 1,20 м на запад. Помеѓу олтарната преграда и главната колонада во двете градежни фази се наоѓале тесни коридори. Синтроносите сместени од северната и јужната страна имаат три градежни интервенции. Подот во презвитериумот во постарата фаза е зачуван во отпечатоци во подлога од хидрауличен малтер. Аранжманот бил изведен од поголеми мермерни плочи и делови од колони во комбинација со цели полиња.
Од подоцнежниот под се зачувани само две плочи од сив шкрилец-аргилошист. Овие два пода одговараат на двете градежни фази на базиликата. Во олтарната апсида се наоѓа полукружен простор со крипта на маченикот, со колони што ja држеле горната конструкција на олтарниот сегмент. Околу криптата е остварен амбулаториумот, со период на двата краја од полукружната апсида. Криптата е на 1,75 м под нивото на подот од презвитериумот. Невообичаената конструкција на криптата настанала поради постарите објекти, кои се наоѓаат под неа, можеби еден ораториум или мартириум.
Истражувањата во јужниот кораб дадоа особено значајни резултати. Откриени се две нивоа на мозаици. Постариот мозаик е изведен со геометриски мотиви, сличен на триклиниумот во куќата на псалмите. На овој мозаик се откриени натписи, од кои едниот е вотивна даноција на Перистериа, име познато во една од палатите на 4 век. Вториот натпис е дедикација на ѓаконисата по налог на матроната. Помладиот мозаик е сличен на мозаиците во нартексот од 5-6 век. Постои мислење дека овој простор на екседрата бил наменет за жените. Постариот мозаик се датира во средина на 5 век, а помладиот при крајот на 5 или почетокот на 6 век.
Самата базилика има девијации кон североисток, поради препреките на субетракцијата од театарот. Ѕидот од градбата А од внатрешната страна е украсен со фрескоживопис, и тоа во два слоја со исти мотиви, што ги чинат широки панели, кои имитираат инкруција од мермер. И сите се разделени со јонски пиластри. Овој декоративен мотив е чест во сите базиликите од 4-6 век на Балканот и пошироко.
Во источното крило на јужниот кораб се откриени остатоците на градбата Б, а западниот крај на северниот кораб и од градбата Ц. Во источниот дел на јужниот кораб, во 1977 година е откриена засводена гробница од II фаза, со чијашто изградба е уништен постариот под од мозаик. Влезот во гробницата бил затворен со фрагментирана плоча од црвена бреча со грчки натпис, овде употребена секундарно.
Централниот кораб на црквата во третманот на подот бил посебно истакнат. Препокриен бил со големи мермерни плочи во различни бои, во комбинација со плочи од сив шрилец, решен во низа од квадратни полиња, со розета во средината на црквата. За оживување на оваа површина се вметнати триаголници од ситен мозаик, решени со црно-бели тесери, што во целина укажува на богат и луксузен аранжман на овој под од втората фаза на изградбата. Д.Ст.