Во рамките на пролетната серија концерти на „Вигмор хол“, утре пијанистот Симон Трпчески во престижната концертна сцена во Лондон ќе одржи матине-концерт насловен „Трпчески и пријателите“. На овој концерт, сцената со Трпчески ќе ја делат Ѓорѓи Димчевски на виолина, Сорин Спасиновици од Романија на виола, Александер Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и Влатко Нушев на перкусии. Концертот ќе се пренесува во живо на веб-страницата на „Вигмор хол“, а видеото ќе биде достапно 90 дена по датумот на емитување. Почетокот на едночасовниот настап е закажан за 13 часот по британско, односно 14 часот по средноевропско време.
Во меѓувреме, издавачката куќа „Лин рекордс“, за крајот од овој месец го најави и излегувањето на првиот самостоен компактен диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески ќе се претстави со дела од Моцарт, Брамс и Бетовен.
Претходно цедето на кое Трпчески, заедно со филхармонискиот оркестар „Јаначек“ од Острава, Чешка, и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведува програма со дела од Шостакович, доживеа голем интернационален успех.