Фото: Министерство за внатрешни работи на Словачка

Додека Русија и Украина договараат услови за воспоставување на хуманитарните коридори преку кои цивилите ќе излезат од критичните подрачја, едно 11-годишно момче морало само да тргне на долг пат од Украина кон Словачка, пренесуваат светските медиуми.

Мајката на 11-годишното момче од Украина, кое патувало нешто повеќе од илјада километри до Словачка, носејќи со себе пластична ќеса, пасош и телефонски број напишани на неговата рака, за „Гардијан“ зборуваше за нејзиното олеснување поради безбедното бегство на нејзиниот син од војната.

Јулија Писецкаја кажа дека од очај го качила својот син во воз за Словачка од Запорожје, блиску до нуклеарната централа што се најде во средиштето на оружени судири минатата недела. Таа не можела да замине со него бидејќи требало да се грижи за нејзината мајка со посебни потреби.

Момчето чие име не е објавено, по неговото пристигнување во Словачка го чувале тамошните граничари, а полицијата, го опишала како „херој“. На раката го имал запишано телефонскиот број на роднините во главниот град на Словачка, Братислава. Надлежните успеале да ги најдат и да ги соединат со момчето.

– Многу сум благодарна што го спасија животот на моето дете. Во вашата мала земја има луѓе со големо срце. Сакам да им се заблагодарам на словачките цариници и волонтерите кои се грижеа за мојот син и му помогнаа да ја помине границата. Благодарна сум што го спасивте животот на моето дете – рече Писецкаја во видеопораката објавена на Фејсбук во неделата.

Словачкото Министерство за внатрешни работи на Фејсбук објави дека момчето „ги освои срцата на сите со својата насмевка, бестрашност и решителност, достојни за вистински херој“. Тие кажаа дека властите го згрижиле, обезбедувајќи му и храна и пијалоци, кои ги спакувале за неговото следно патување“.

– Благодарение на бројот на раката и парчето хартија во џебот, тој успеа да стапи во контакт со своите најблиски, кои дојдоа по него подоцна, и целата приказна добро заврши – изјавија официјалните лица.

За момчето се грижеле бројни надлежни словачки служби.

– Тој дојде сам од Запорожје затоа што неговите родители мораа да останат во Украина. За момчето се грижеа многумина, било да се тоа полицајци, војници, цариници или доброволци и разни верски или граѓански организации – изјави портпаролката на полицијата Дениса Бардиова.