Нова студија
Повеќето луѓе ги знаат петте сетила (допир, вид, слух, мирис и вкус), но секој не знае дека имаме дополнително сетило наречено интероцепција. Ова е чувство за внатрешната состојба на сопственото тело. Една нова студија покажа дека ова чувство се разликува помеѓу жените и мажите.
Интероцепцијата ни помага да ги почувствуваме и интерпретираме внатрешните сигнали што ги регулираат виталните функции во телото, како што се гладот, жедта, телесната температура и отчукувањата на срцето. Иако не обрнуваме многу внимание на ова чувство, тоа е исклучително важно бидејќи осигурува секој систем во телото да работи оптимално. Тоа нè предупредува кога нашето тело можеби не е во рамнотежа – на пример, нè тера да посегнеме по пијалак кога се чувствуваме жедни или ни кажува да го соблечеме џемперот кога е премногу топло. Интероцепцијата е исто така важна за менталното здравје. Тоа е затоа што придонесува за многу психолошки процеси, како што се донесување одлуки, социјална способност и емоционална благосостојба.
Нарушената интероцепција дури е опишана во многу проблеми со менталното здравје – вклучувајќи депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната. Исто така, може да објасни зошто многу ментални здравствени состојби имаат слични симптоми, како што се нарушување на спиењето или замор. И покрај важноста на интероцепцијата за сите аспекти на здравјето, малку е познато дали мажите и жените се разликуваат во тоа колку точно ги чувствуваат внатрешните сигнали на нивното тело.
Претходните студии што истражуваа дали мажите и жените различно ги чувствуваат и толкуваат интероцептивните сигнали на нивното срце, бели дробови и желудник, имаат различни резултати.
Најновата студија комбинира податоци од 93 студии што се занимаваат со интероцепцијата кај мажите и жените. Фокусот беше на тезата за тоа како луѓето ги перципираат сигналите на срцето, белите дробови и желудникот во низа различни задачи. На пример, во некои студии, учесниците го мереле нивниот пулс, додека други ги замолиле учесниците да утврдат дали забележале светлина кога стомакот им се грчи или тестирале дали можат да забележат разлика во здивот додека дишат во уред што го отежнува нормалното дишење.
Анализата откри дека интероцепцијата, всушност, се разликува помеѓу мажите и жените. Жените биле помалку прецизни во задачите фокусирани на срцето (и до одреден степен на белите дробови). А се чини дека овие разлики не можат да се објаснат со други фактори – како што се напорите на учесниците за време на задачата или физиолошките разлики, како што се телесната тежина или крвниот притисок.
Иако биле откриени значителни разлики помеѓу задачите за отчукувањата на срцето, резултатите за другите задачи биле помалку јасни. Тоа може да биде затоа што само мал дел од студијата се занимавала со перцепцијата на белите дробови и желудникот.
Ментално здравје
Ова може да ни помогне да разбереме зошто многу вообичаени состојби на менталното здравје (како што се анксиозност и депресија) се почести кај жените отколку кај мажите од пубертетот натаму. Постојат неколку фактори што можат да влијаат на ова – генетика, хормони, карактер и изложеност на стрес во детството.
Но бидејќи знаеме дека интероцепцијата е важна, разликите во неа би можеле да објаснат зошто повеќе жени страдаат од анксиозност и депресија отколку мажи. Тоа е затоа што тешкотиите можат да влијаат на многу области, вклучувајќи ги емоционалните, социјалните и когнитивните функции, кои се познати фактори на ризик за многу состојби на менталното здравје.
Познавањето на разликите во тоа како мажите и жените ги чувствуваат интероцептивните сигнали, исто така, може да биде важно во лекувањето на менталните болести.
Иако новите студии сугерираат дека подобрувањето на интероцепцијата го подобрува менталното здравје, студиите исто така укажуваат дека мажите можат да користат интероцептивни сигнали, на пример од срцето – повеќе од жените кога ги обработуваат своите емоции.
И покрај фактот дека се знае дека постојат разлики, сè уште не знаеме што ги предизвикува. Истражувачите имаат неколку теории, вклучувајќи и различни физиолошки и хормонални промени што ги доживуваат повеќето мажи и жени.
Исто така, зависи и од тоа колку мажите и жените се научени да размислуваат за своите емоции или интероцептивни сигнали, како што е болката. Подоброто разбирање на сите фактори што влијаат на интероцептивната способност може да биде важно за развој на подобри третмани за многу состојби на менталното здравје, пишува „Сајенс алерт“.