Кинезите преку социјалната платформа Веибо упатија негодувачки пораки до извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, откако Кина јавно се пожали дека нејзината вселенска станица била принудена да преземе евазивна акција за да избегне судир со сателитите на програмата „Старлинк“, пренесува „Ројтерс“.

Сателитите на „Старлинк“, кои се дел од компанијата „Спејс екс“ на Маск, годинава имале две блиски средби со Кинеската вселенска станица, на 1 јули и на 21 октомври, се наведува во документот доставен од Кина до вселенската агенција на ОН.

– Поради безбедносни причини, Кинеската вселенска станица спроведе превентивна акција за избегнување судир – стои во документот кој Кина го објави на веб-страницата за вселенски прашања на Канцеларијата на Обединетите нации.

Во објава на кинеската платформа Веибо, која е слична на Твитер, еден корисник ги опиша сателитите на „Старлинк“ како куп вселенски отпад, додека друг ги нарече сателитите „американско оружје за вселенска војна“.

– Ризиците од „Старлинк“ постепено се разоткриваат, а целата човечка раса ќе плати за нивните активности – напиша корисникот Чен Хајинг на Веибо.

Со над 30.000 сателити кои орбитираат околу Земјата, научниците постојано повикуваат владите да споделуваат податоци со цел да се избегнат нивни судири во орбитата. „Спејс екс“ има распоредени скоро 1.900 сателити за мрежата „Старлинк“, а во иднина планира да испрати уште сателити.

Како одговор на негативните објави, Маск на Твитер истакна дека некои орбити на сателитите од „Старлинк“ веќе биле прилагодени за да се намали шансата за судири во орбитата.