Циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ продолжува со работилница посветена на Василиј Кандински, еден од највлијателните уметници на 20 век и основоположник на апстрактната уметност.
Кандински верувал дека боите имаат сопствен звук, а линиите и формите создаваат ритам. За него, сликарството било блиско до музиката – уметност што не мора да прикажува препознатливи предмети за да пренесе силно доживување, емоција и чувство. Со своето творештво направил значајна промена во развојот на модерната уметност, ослободувајќи ги боите и формите од обврската да го претставуваат видливиот свет.
Токму оваа поврзаност меѓу сликарството и музиката ќе биде во фокусот на работилницата. Учесниците ќе се запознаат со животот и творештвото на Кандински, ќе набљудуваат и ќе анализираат негови уметнички дела и ќе истражуваат како боите, линиите и геометриските форми можат да пренесат различни чувства, асоцијации и доживувања.
Преку раскажување, разговор, глума и пантомима, децата ќе имаат можност да ја истражат врската меѓу звукот, движењето и визуелниот израз. Посебен акцент ќе биде ставен на доживувањето на музиката преку движење и нејзиното преточување во ликовен јазик.
Практичниот дел од работилницата ќе се реализира со акварелни бои и сув пастел. Инспирирани од апстрактните композиции на Кандински, учесниците ќе експериментираат со бои, линии, кругови, триаголници и со други геометриски форми, истражувајќи ги контрастот, ритамот и рамнотежата во создавањето сопствени уметнички композиции.
Работилницата наменета за деца и млади од шест години, па нагоре ќе се одржи утре, со почеток во 18 часот, во креативниот центар „Сончогледи“, ТЦ „Олимпико“, на трети кат, Тафталиџе. Учеството е бесплатно.
Работилницата ја реализираат Марина Туфекчиевска – комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска – визуелна уметница, ликовен педагог – вајарка и магистерка по сликарство; Мето Јанакиевски – историчар на уметноста и пантомимичар.
Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ финансиски е поддржан од Град Скопје.