Фото: Пиксабеј

ПОСТКОВИД – СЕРИОЗНА СОСТОЈБА

Пандемијата на коронавирусот имаше поголемо влијание врз човештвото од што било во последните 50 години, вклучувајќи ги воените конфликти и природните катастрофи. Според некои истражувања, таа предизвика просечниот животен век на луѓето низ светот да се скрати за околу две години. Деновиве се одбележа четиригодишнината од појавата на ковид-19 што го зафати целиот свет. Според последните податоци, стапката на смртност е зголемена за 22 отсто кај мажите и за 17 отсто кај жените.
Во овој постковид-период дознаваме колку коронавирусот го уништил нашето тело и дознаваме на најлошиот можен начин – преку болести што сѐ почесто ги добиваме. Станува збор за сериозна состојба што тешко се препознава, има повеќе од 200 симптоми, а ретко кој се справува добро со неа.

Кои се симптомите на постковид

Меѓу најчестите постковид-симптоми се: забрзано чукање на срцето, чувство на прескокнување на ритамот на срцето, отежнато дишење, задушување, премаленост и замор, синдром на хроничен замор, варијации на крвниот притисок, зголемена анксиозност, чести главоболки и вртоглавица, губење на слухот, зголемено потење. Доколку овие симптоми се појават по период на ковид, треба да отидете на превентивно-дијагностички преглед и да ја проверите не само состојбата и функцијата на кардиоваскуларниот систем туку и на телото во целина.
Меѓу најопасните болести што се јавуваат во овој постковид-период, особено кај луѓе што веќе имале слабости на еден од системите во телото, се: оштетување на белите дробови, оштетување на срцето, оштетување на бубрезите, оштетување на мозокот. Исто така, како последица на ковид-19 се појавуваат и продолжена премаленост, болки во зглобовите, болки во градите, отежнато дишење, астма, срцеви заболувања, деменција…
Непријателот на белите дробови, ковид-19, како што дури сега се покажува, може да предизвика и астма или да им ја „врати“ на возрасните што ја имале во детството. Кај некои луѓе што имале коронавирус пред повеќе од една година, кашлицата што се појавувала повремено почнувала да станува посилна, а некои од нив добиле и дијагноза на астма.
Аритмиите се меѓу симптомите по инфекција со коронавирус, кои предупредуваат дека е време пациентот да оди на лекар. Тие може да бидат бенигни и малигни, односно помалку опасни и поопасни. Она што е особено загрижувачко е што сѐ повеќе млади луѓе добиваат срцев удар.

Проблеми со меморијата

Во периодот по долгиот ковид, некои луѓе развиле и невролошки проблеми. Има примери на луѓе што биле во почетна фаза на деменција, кој кои се забрзала болеста, а голем број луѓе се жалеле дека имаат проблеми со меморијата, дека станале заборавени, расеани и деконцентрирани. Дијагнозите што се јавуваат две години по коронавирусот се разликуваат во однос на возраста на луѓето, па деменцијата, мозочните удари и мозочната магла се најчести кај возрасните над 65 години, а мозочната магла кај оние меѓу 18 и 64-годишна возраст, додека епилепсиите и психотичните нарушувања се најчести кај најмладите, односно кај децата.
Експертите забележале дека меѓу долготрајните симптоми на ковид-19 е и опаѓањето на косата.