Ако сакате да ја одржите вашата тежина или едноставно да ги намалите мастите во долниот дел на стомакот, треба да спиете околу осум часа секоја вечер.
Имено, новата студија објавена во списанието „Слип медисин“ ја истражуваше поврзаноста помеѓу недостигот од сон и таканаречените висцерални масти, кои се акумулираат околу виталните органи и затоа се поврзуваат со метаболички болести и отпорност на инсулин.
Целта е да спиете минимум седум часа навечер, а истражувањата покажаа дека еден час помалку дневно спиење може да ја зголеми масата на висцералното масно ткиво за околу 12 грама.
Најновото истражување опфати податоци од повеќе од 5.100 возрасни лица на возраст од 18 до 59 години што одговориле на Националната анкета за испитување на здравјето и исхраната на САД од 2011-2012 и 2013-2014 година. Испитаниците обично спиеле околу седум часа секоја вечер, а просечната возраст била 37 години.
Наодите доаѓаат по долгогодишни предупредувања за опасностите од лишувањето од сон, како што се зголемен ризик од инфекција и стареење на мозокот, па дури и промени во однесувањето.
Само минатата година експертите открија дека речиси половина од Американците страдаат од недостиг од сон. Во меѓувреме извештајот на „Ворлд обисити атлас 2023“ проценува дека повеќе од половина од светот ќе има прекумерна тежина или дебелина до 2035 година.
Предизвикани од стрес или животни навики како што се лошата исхрана или неактивност, висцералните масти се особено опасни за целокупното здравје бидејќи може да доведат до дијабетес тип 2, срцеви заболувања, мозочен удар, рак на дојка, Алцхајмерова болест и многу повеќе, според „Хелтлајн“.