Археолозите документираа група резби на кои се прикажани камили на карпа што се издига во близината на јужниот раб на пустината Нафуд во Саудиска Арабија.
Монументалното уметничко дело прикажува десетина диви камили во природна големина, сега веќе исчезнат вид што некогаш се движел по овој дел од пустината на Арапскиот Полуостров пред илјадници години, но никогаш не добил научно име, се наведува во студијата објавена во списанието „Аркиолоџикал рисрч“ во Азија.
Иако локалитетот наречен Сахут беше препознаен од други археолози подолго време, ова е првпат некој да забележи резби од камили на карпите.
-Дознавме за локацијата од друг труд, но беше тешко да се најде плочата бидејќи нејзината локација не беше прецизна, а ова не е лесен пејзаж за навигација – вели водечката авторка на студијата Марија Гуанин, постдокторска соработничка во институтот за геоантропологија „Макс Планк“ во Германија, во изјава за „Лајв сајенс“.
Пронаоѓањето издатоци во песочните дини не беше единствениот предизвик. Бидејќи резбите имаат понови гравури што ги преклопуваат камилите, постои дополнителен слој на мистерија околу тоа која култура и кога ги создала уметничките дела. Исто така не помага тоа што повеќето од резбите се направени внатре во пукнатините, што ги прави тешко пристапни за радиојаглеродното датирање.
Меѓутоа, радиојаглеродното датирање на два рова и две блиски огништа покажува дека локалитетот Сахут бил населен повеќепати помеѓу плеистоценот и средината на холоценот.
Натуралистичкиот стил на резбите што ги прикажуваат крзното и полот на животните исто така нуди индиции за тоа кога биле создадени.
– Она што е највпечатливо за прекрасно врежаните камили е тоа што повеќето од нив се машки. На некои резби се прикажани камили што ја покажуваат својата дула, орган што виси од устата на машка камила, кој се користи за привлекување женки – рече Гуанин.
Само врз основа на оваа симболика, истражувачите претпоставија дека уметноста можела да се создаде за време на сезоната на парење.
– Дивите камили исто така сè уште го немаа отфрлено крзното и сè уште го имаа своето зимско руво. Нема познат извор на вода, па можеби нешто друго ги донело луѓето овде. Можеби тоа било добра точка за застанување на патот до друга локација. Мора да била важна локација, но во моментов не сме сигурни зошто – рече Гуанин.
Сахут не е единственото место во Саудиска Арабија во кое се пронајдени резби на камили. Во 2018 година археолозите открија 2.000 години стара „парада“ на камили во природна големина во покраината Ал-Џуф во северозападната саудиска пустина.