Вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“ ќе биде отворена изложбата „Наместо вовед“ на Митко Панов, осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност, концептот е приказ на творештвото, каде што авторот е визуелен раскажувач.
– Митко Панов е посветен на своето творештво, во истражувањето нови изразни форми, каде што прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концептот во уметноста. Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот што го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.
Панов ја вткајува реалноста како инспирација во својата специфична творечка експресија. За него реалноста е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на личната вистина и суштината на постоењето – пишува кураторот Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија.
Митко Панов студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности, а студиите ги продолжил на Високото државно училиште во Лоѓ, Полска, отсек филмска режија. Помеѓу 1988 и 1995 година живее во Њујорк, каде што ја продолжува кариерата како визуелен уметник. Од 2004 година живее во Швајцарија. Неговите дела се наградени со голем број меѓународни признанија и награди, меѓу кои се вбројува и „златна палма“ за најдобар краткометражен филм на Канскиот филмски фестивал во 1991 година. Аудиовизуелните остварувања на Панов се емитувани во Музејот на модерната уметност во Њујорк, музејот „Гугенхајм“ во Њујорк и во Институтот за уметности во Чикаго.