Фото: Пиксабеј

Избрана група научници отвори капсула со примероци од астероидот Бену, којa пристигна на Земјата неодамна, а моментално се анализира во специјална лабораторија во Тексас.
– Потврдивме дека примероците доаѓаат од астероидот – рече д-р Ешли Кинг за „Би-би-си“.
Тридневната анализа што ја направија експерт од Музејот за натурална историја и уште пет члена на тимот „Квик лук“ покажа дека црната, вонземска прашина е богата со јаглерод и минерали исполнети со вода. Тоа е одличен знак, бидејќи се теоретизира дека астероидите богати со јаглерод и вода како астероидот Бену можеби играле улога во испораката на клучните компоненти на младата Земја пред 4,5 милијарди години. Тоа може да биде начинот на кој сме ја добиле водата во океаните, како и некои соединенија што биле неопходни за потеклото на животот.
– Се обидуваме да откриеме кои сме, што сме и од каде доаѓаме, каде припаѓаме во оваа пространост наречена универзум – рече администраторот на НАСА, Бил Нелсон, за време на брифингот во вселенскиот центар „Џонсон“, каде што се наоѓа лабораторијата.
Иако мисијата врати „многу примероци“, научниците сè уште не се сигурни колку всушност има од астероидот Бену.
Канистерот за примероци што слета во пустината Јута во септември е отворен, но неговата внатрешна комора што ја користи вселенското летало ОСИРИС-Рекс за складирање фрагменти од астероидот допрва треба да биде целосно испразнета и количеството на примероците да се измери. Тимот на мисијата верува дека вкупно се собрани околу 250 грама примероци и сега ќе бидат потребни неколку дена за внимателно расклопување и потврдување на оваа процена.
За да ги изврши првите експерименти, д-р Кинг и неговите колеги користеле честички расфрлани од внатрешната комора, или Таг-Сем. Оваа прашина ги покрива сите внатрешни површини на канистерот.

– Кога го симнаа капакот од канистерот за примероци, црн прав имаше насекаде. Беше неверојатно и возбудливо. Седевме, а потоа сите станаа и почнаа да покажуваат кон екранот. Тоа значеше дека имаме со што да си играме, ни ја олесни работата – рече Кинг.
Прашината беше ставена во електронски микроскоп и подложена на техники на дифракција на рендген и инфрацрвена спектроскопија, а исто така беше скенирана со машина за компјутерска томографија. Еден од клучните наоди е присуството на јаглерод, кој сочинува близу 5 проценти од тежината. Научниците открија карбонати и посложени органски материи.
Главниот истражувач во мисијата ОСИРИС-Рекс, д-р Данте Лаурета ја истакна содржината на вода во примероците, која се наоѓа во минералите.
– Минералите имаат вода „заклучена“ во нивната кристална структура. Сакам да престанам да размислувам што значи тоа. Мислиме дека на тој начин водата стигнала на Земјата и е причината поради која нашата планета е свет погоден за живот. Поради тоа ги имаме океаните, езерата, реките и дождот, сето тоа поради глинените минерали како оние од Бену, кои слетаа на Земјата пред 4,5 милијарди години – рече Лаурета.