Американската вселенска агенција (НАСА) организираше прес-конференција на која за првпат поотворено се разговараше за можното постоење на вонземски живот. Во презентацијата на извештајот од 36 страници, кој содржи доста технички и научни опсервации, НАСА соопшти дека сѐ уште нема релевантни докази што би можеле да го потврдат постоењето на вонземјани, но дека постојат одредени појави што дефинитивно мора да се истражат.
НАСА ќе го истражува она што се нарекува УАП, односно неидентификувани аномални појави. Ќе работи со подобрена технологија, но и во соработка со вештачката интелигенција, пишува „Би-би-си“.
На последната страница од извештајот се нагласува дека сѐ уште нема доволно докази за да се дојде до заклучок во кој УАП би бил идентификуван како вонземски извор.
– Меѓутоа, тие објекти мораа да патуваат низ нашиот Сончев Систем за да стигнат овде – соопшти НАСА.
Иако извештајот не заклучи дека постои вонземски живот, НАСА не ја негираше можноста дека потенцијално непознатата вонземска технологија сè уште работи во атмосферата на Земјата.
– УАП е една од најголемите мистерии на нашата планета, а тоа главно се должи на недостигот од висококвалитетни податоци. И покрај доказите дека УАП се забележливи, нема доволно податоци што може да се искористат за да се донесат дефинитивни научни заклучоци за нивната природа и потекло – рече Никола Фокс, помошник-директор на Одделот за научни мисии на НАСА.
Од НАСА исто така наведуваат дека феноменот УАП ќе го истражува нов тим, но агенцијата не сакаше да сподели имиња со јавноста.
– Една од причините за ова може да биде тоа што тие сакаат да го заштитат новиот директор од какво било потенцијално јавно вознемирување. Беше објавено дека НАСА ја сфаќа безбедноста на тимот исклучително сериозно и дека заканите одиграле голема улога во необјавувањето на името на идниот директор задолжен за истражување на овие појави – објаснуваат од НАСА.
Она што е интересно е што НАСА се осврна и на мексиканскиот извештај и „презентација“ на вонземјани во зградата на Конгресот.
Хаиме Маусан, самопрогласениот експерт за НЛО, на сослушувањето претстави, како што рече, две древни „нечовечки“ тела за кои тврдеше дека се вонземјани. За време на презентацијата, Маусан рече дека телата биле пронајдени во Перу во 2017 година и дека тестирањето утврдило дека нивната возраст е над 1.800 години.
– Направете ги примероците и доказите достапни за светската научна заедница и ќе видиме што има таму – соопшти НАСА за време на конференцијата.