Американската вселенска агенција НАСА забележала егзопланета со големина на Земјата, која орбитира околу мала ѕвезда оддалечена околу 100 светлосни години. Планетата, наречена ТОИ 700 е, веројатно е карпеста и речиси со иста големина како нашата планета (95 проценти). Небесното тело ја претставува четвртата откриена планета што орбитира околу малата студена џуџеста ѕвезда М ТОИ 700. Сите планети беа откриени од страна на транзитниот сателит за истражување на егзопланети на НАСА, односно мисијата ТЕСС.
Друга планета од истиот систем, која беше откриена во 2020 година и наречена ТОИ 700 д, исто така е слична по големина на Земјата. Двете егзопланети се наоѓаат во зона погодна за живот на нивната ѕвезда, односно на растојание што потенцијално овозможува постоење на вода на површината. Можноста за вода значи дека планетите би можеле да бидат погодни за живеење или некогаш биле. Откривањето на новата планета беше официјално потврдено на 241-от состанок на Американското астрономско друштво.
Мали ладни џуџести ѕвезди како ТОИ 700 се вообичаени во универзумот, а многу се домаќини на егзопланети како системот ТРАППИСТ-1, кој има седум егзопланети, кои ќе бидат набљудувани од вселенскиот телескоп „Џејмс веб“. Најблиску до ѕвездата е планетата ТОИ 700 б, која 90 отсто одговара на големината на Земјата и завршува една брза орбита околу ѕвездата на секои 10 Земјини денови. Постои и ТОИ 700 ц, која е 2,5 пати поголема од Земјата и патува околу ѕвездата за 16 дена. Овие планети веројатно се „заклучени“ така што секогаш се свртени кон ѕвездата од истата страна, исто како што Месечината секогаш е свртена кон Земјата од истата страна.
Двете егзопланети во зоната погодна за живот на ѕвездата, планетите д и е, имаат подолги орбити, кои траат соодветно 37 и 28 дена. Причината е тоа што се подалеку од ѕвездата. Новооткриената планета всушност се наоѓа помеѓу овие две. Мисијата ТЕСС започна во 2018 година и надгледува делови од ноќното небо 27 дена, односно најсјајните ѕвезди, додека ги следи нивните промени во осветленоста. Намалувањето на светлината укажува на планети што орбитираат додека минуваат пред своите ѕвезди, наречени транзити. Мисијата почна да го набљудува јужното небо во 2018 година, а потоа се сврте кон северното небо. Во 2020 година, мисијата повторно се фокусира на јужното небо за дополнителни набљудувања и ја откри четвртата планета во системот ТОИ 700.