Симона Трповска за македонскиот рекорд во нуркање

Триесет и двегодишната охриѓанка Симона Трповска на 24 декември минатата година се спушти до 102 метри во длабочините на Црвено Море во Египет, со што стана македонска рекордерка во техничко нуркање. За овој подвиг се подготвувала една година, а ѝ помогнал светскиот рекордер во длабинско нуркање Ахмед Габр, кој е и искусен инструктор. Таа ни раскажа како изгледале физичките, но и менталните подготовки, што чувствувала толку длабоко во водата, како изгледа ова техничко нуркање, но и за љубовта кон водата и нуркањето како спорт.
Симона води сопствена фирма за консалтинг и пристап до финансии „И-ДС коучинг и консалтинг дооел“, а нуркањето ѝ е хоби, на кое му пристапува исклучително сериозно. Таа рекреативно нурка од 2007 година, а со техничко нуркање се занимава од минатата година, на што ја поттикнала нејзината пријателка, првата жена технички нуркач во Македонија.
– Отсекогаш сакав техничко нуркање. Тоа е нуркање надвор од рекреативните граници, што не ти дозволува брзо излегување на површина. Тоа вклучува длабинскo нуркање и/или нуркање во затворени простории, како пештери, рудници, под мраз – вели Симона.

Безбедно спуштање и враќање на површината

Симона избрала да работи со Габр, инструкторот од Египет, кој го држи Гинисовиот рекорд за најдлабоко нуркање од 332,5 метри, и поради неговата специфична методологија и техники за безбедно нуркање. Едноставно кажано, за да се вратиш безбедно на површината по нуркањето, телото треба да се ослободи од најголем дел од гасовите што се користат за спуштањето во длабочините, односно да се направи соодветна декомпресија. Има пропишани стандарди и правила што се користат, а искусните инструктори имаат дополнителни техники и методи. За време на интензивните тренинзи, Трповска нуркала на различни локации во светот, а пред поставувањето на националниот рекорд го добила меѓународниот сертификат „Advanced Trimix Diver“, за техничко нуркање до 100 метри, што наедно е највисок сертификат за длабинско техничко нуркање, кој овозможува нуркање со мешавина од три гаса (хелиум, кислород и азот), кои се комбинираат во согласност со планираната длабочина.
– Најголем предизвик на нуркање на длабочина од 102 метри е безбедното враќање назад. Во целиот процес се користат различни мешавини на гасовите. Секоја од боците има различен гас и се користи до определена длабочина. Овој пристап овозможува менаџирање на сатурацијата на гасови и ослободување од нив при враќањето на површина – објаснува Трповска.
Покрај гасовите, потребен е и детален план за целото патување под вода. Сето тоа се менаџира со компјутер – специјален часовник. Тој мери време, длабочина и гасови и во него е планот за декомпресија… Покрај тоа, се користат и дополнителни уреди и таблици.

Логистика и траење на нуркањето

На длабочина од 102 метри останала до десеттата минути, со опрема од над 60 килограми, а за да се врати назад ѝ биле потребни 55 минути со оптимални мешавини на гасови.
– Доколку дозволуваат временските услови, може да скокнеш во вода со дел од опремата, а тимот да ти го подаде преостанатиот дел. Но ако има бранови и струења, мора да скокнеш со целата опрема. И тоа е дел од тренингот и обуките – раскажува нашата соговорничка.
Ја прашавме како се чувствувала на длабочина од 102 метри.
– Мирно се чувствував. Мене нуркањето ми е предизвик, јас ја сакам водата, ги сакам длабочините, тоа ми е убаво. Водата ја чувствувам како пријател. Се чувствував мирно, верував во мојот инструктор, во опремата и гасовите, верував во себе, во тренингот и подготвеноста. Сакам да следам како се менува бојата на водата, целиот процес, од подготовката до спуштањето, ми е предизвик. Така се соочувам со себе – вели Симона.
Кога излегла од водата, прво била збунета.
– Прво бев збунета. Знаете, има работа и кога ќе излезеш од вода, треба да се среди и демонтира опремата. Бев и малку уморна и ми требаше време да почувствувам возбуда. По нуркањето, не се дозволени физичка активност, сончање, масажа… Сето тоа е за да се исфрлат безбедно гасовите од телото, односно успешно да се заврши процесот на декомпресија, кој трае и по излегувањето од водата – објаснува Симона.

Медитација, техники за фокус и личен развој

Освен физичка, за нуркањето е потребна и ментална подготовка и надвор од вода. Трповска редовно медитира и користи техники за фокус.
– Постојано работам на себе и на мојот личен развој, а со тоа е поврзана и мојата работа. Постојано работам на мојата психичка подготвеност – вели нашата соговорничка.
Нејзината следна цел не е постигнување одредена длабочина. За неа најбитни се методологијата и тренингот. Сака да продолжи да го вежба и усоврши наученото и, секако, да ужива во нуркањето, а длабочините ќе дојдат сами по себе.
Сите сегменти од искуството во Црвено Море, Трповска ги сподели на настан организиран од клубот за подводни дејности Охрид. На настанот членовите имаа детална дискусија за процесот и методологијата на длабинското нуркање.