Ретки, ендемични, мистични и за пошироката јавност речиси непознати видови од природата во Македонија, изложени се во мобилната поставка на Природонаучниот музеј прикажана во трговскиот центар Сити мол во Скопје.
Станува збор за т.н. Попап-музеј, кој може да „никне“ на различни неочекувани локации, потсетувајќи дека и јавниот простор може да биде музеј.
Поставката е составена од внимателно избрани примероци од музејските депоа, изложени во осум коцки и една диорама, а секоја од нив раскажува посебна приказна.
Изложбата е поставена по повод Меѓународниот ден на музеите, а ќе може да се види до 26 мај на првиот кат кај главниот влез во Сити мол-Скопје.
Природонаучниот музеј на Македонија, годинава одбележува 100 години од своето постоење и претставува најстарата биолошка установа во земјава. Основан е во 1926 година од страна на југословенскиот природонаучник д-р Станко Караман.
Ф.Д.




































