Нова студија укажува на потребата да се воведе категоријата шест за мегаураганите, поради зголемената фреквенција на екстремни бури предизвикани од климатските промени. Научниците ја нагласуваат потребата од воведување нова категорија за јачината на ураганите, кои поради климатските промени станаа уште подеструктивни и посилни. Се предлага да се воведе категорија шест (претходната скала има категории од еден до пет) за таканаречените „мегаурагани“.
Причина за ова се разорните бури забележани во изминатите години, кои би можеле да се вклучат во нова категорија бидејќи се карактеризираат со ветрови од 308 км/ч и повеќе.
– Тоа е веројатно побрзо од повеќето автомобили „ферари“, тешко е да се замисли. Не би било добро да се биде среде ураган со таква јачина – рече Мајкл Венер од националната лабораторија „Лоренс Беркли“ во САД.
Во новото истражување објавено во Зборникот на Националната академија на науките, научниците предлагаат продолжување на скалата на ураганот Сафир-Симпсон, кој беше развиен во раните 1970-ти години од инженерот Херберт Сафир и метеорологот Роберт Симпсон. Според таа скала, секој ураган со максимално одржливи ветрови од 119 км/ч или повеќе се класифицира како категорија еден. Како што се зголемува брзината на ветерот и опасноста по имотот и животот, нивото на категоријата се зголемува, додека ураганите со постојан ветар од 252 км/ч или повеќе влегоа во највисоката категорија пет.
Потребата од нова категорија се појави токму поради сѐ почестата појава на урагани со поголема брзина на ветерот. Научниците наведоа примери за такви урагани: тајфунот Хаијан, кој уби повеќе од 6.000 луѓе на Филипините во 2013 година, и ураганот Патриција, кој достигна максимална брзина од 346 км/ч кога се формираше во близината на Мексико во 2015 година.
– Досега тие не биле во Атлантски Океан или Мексиканскиот Залив. Но тоа е само среќа бидејќи таму има услови да се формира ураган од категорија шест. Се надевам дека нема да се случи тоа, но ништо не е сигурно – изјави Венер.
Иако вкупниот број урагани не се зголемува поради климатските промени, нивниот интензитет е значително зголемен. Прегреаните океани и потоплата, повлажна атмосфера им даваат дополнителна енергија на бурите.