Во втората половина на 2024 година

Еден од најголемите музеи на модерната и современа уметност во светот, познат и како „Бобур“, во втората половина на годинава ќе биде затворен заради реновирањето најавено за 2025 година. Зградата последен пат беше затворена на 20-годишнината во 1997 година, за тригодишно реновирање со кое се прошири изложбениот простор. Но на зградата не е направена поголема интервенција од нејзиното отворање во 1977 година. Новото реновирање, сепак, е многу покомплексно од претходното, може да потрае и до пет години, а според некои процени, ќе чини 262 милиони евра. Работата ќе опфати отстранување на азбестот од зградата, исполнување на безбедносните, техничките и енергетските стандарди и правење на знаменитоста достапна за лицата со намалена подвижност.

Центарот нема да се пресели во „Палата де Токио“

Првично беше планирано реновирањето да започне порано, на крајот на 2023 година, но идејата во меѓувреме беше напуштена поради одржувањето на Олимписките игри во француската престолнина во текот на летото 2024 година. Претседателот на „Помпиду“, Лоран Ле Бон, уште пред две години, веднаш по неговото именување, најави големо реновирање на музејот, апелирајќи до Владата да размисли за одложување на почетокот на работите. За ова тој зборуваше во интервју за францускиот весник „Фигаро“, во кое изјави дека му се чинело дека рокот од три години е тешко да се испочитува. Затоа, тој предложи да се започне со реконструкција по олимпијадата.
Инаку, францускиот национален музеј на модерната и современа уметност во 2027 година слави 50 години од своето постоење, но не е исклучено да биде затворен за време на големиот јубилеј. На прашањето за тоа, Ле Бон одби да каже дали центарот ќе биде подготвен навреме. Ле Бон, исто така, ги отфрли гласините дека центарот ќе се пресели во „Палата де Токио“ за време на затворањето.

Пресвртница во архитектурата

Иако првично беше примен со многу критики, центарот „Помпиду“ беше пресвртница во архитектурата. Ренцо Пиано и Ричард Роџерс, тогаш сè уште релативно непознати на архитектонската сцена, победија на натпреварот во 1971 година со нивниот многу модерен предлог за музеј, кој не наликуваше на ништо друго во архитектонскиот свет во тоа време. Во проектот, архитектите предвидувале да биде видлива целата инфраструктура на зградата, односно сите механички и структурни системи да бидат откриени, како што еднаш објаснија за да се максимизира внатрешниот простор. Вклучувајќи пространа јавна библиотека и центар за музика и акустични истражувања, оваа модерна интервенција во историското ткиво привлече многу повеќе посетители отколку што се очекуваше низ годините, а денес е еден од најпопуларните музеи во Париз.
Потсетувајќи се дека победил на натпреварот во 1971 година во интервју за „Њујорк тајмс“, Пиано рече дека тој и Роџерс биле „млади момци, навистина млади и мошне лоши момци“. Нивната цел, како што потсети, била да создадат еден вид антиспоменик, културен центар што е сѐ освен институционален, а доказ за успехот е негодувањето што следуваше. И години подоцна, тој сѐ уште е изненаден од одлуката на Франција да им дозволи на двајца млади странци, тој имал 33 години, а неговиот британски партнер 37, да ја подигнат огромната метална конструкција што критичарите ја опишаа како „рафинерија или океански брод“.