Фото: Пиксабеј

Прелистувањето по социјалните мрежи на приватен телефон, резервирањето летови, дури и испраќањето брз одговор на апликација за пораки… обично не се поврзани со работата што треба да ја работите. Некои компании гледаат на приватните телефони како на одвлекување на вниманието од работата, дури и ги принудуваат работниците да ги остават своите уреди во шкафче пред да влезат во канцеларија. Но таквите забрани би можело да бидат контрапродуктивни, според австралиските и ирските научници, кои велат дека користењето приватни телефони на работа не влијае на продуктивноста, па дури и може да го намали стресот.
Тим од Универзитетот во Голвеј и Универзитетот во Мелбурн помина една година следејќи 40 вработени на кои им беше дозволено да користат приватни телефони во европската филијала на неименувана глобална фармацевтска компанија. Тимот ги спореди резултатите со друга група субјекти на кои не им било дозволено да ги користат своите телефони додека се на работа. Тие откриле дека оние што користеле приватни телефони немале полоши работни перформанси од колегите што не ги користеле и дека проблемите што произлегуваат од преклопувањето на работата и животот биле намалени кога била укината забраната за користење приватни паметни телефони на работното место за неработни цели.
Работниците што беа анкетирани претходно се пожалиле на „рестриктивниот пристап“ на компанијата за користење лични телефони, кој датира од 1990-тите, велејќи дека се чувствуваат „исклучени“. Тие биле поддржани од некои членови на менаџерскиот тим што ги оцениле ограничувањата како „технофобични“ и неусогласени со правилата во другите филијали на истата компанија.
– Менаџерите треба да ги разберат несаканите последици од насилната забрана на приватните паметни телефони. Спречувањето на употребата на телефонот на работното место може да го зголеми конфликтот помеѓу работата и животот, што, пак, има значителни импликации за работата, задоволството од работата, отсуството од работа, намерите за целокупната благосостојба – велат од Универзитетот во Голвеј.