Песни што ме тераат да играм
Љупчо Давчев
Пред извесен број години бев на концерт на една група и како гостин на тој концерт се појави и Зоран Лесендриќ–Кики, лидерот на групата „Пилоти“, која важи за најквалитетната мод-група на просторите на поранешна Југославија, а Кики за еден од најквалитетните композитори, текстописци, пејачи. Имаат навистина прекрасни песни („Заборављени“, „Свет је леп када сањамо“, „Као птица на мом длану“, „Сви смо ми понекад анџели“, „Лето“, „Дан који пролази заувек“) што останаа во колективното сеќавање на публиката од минатите времиња, но и на новите генерации. Со текот на времето го сменија стилот во порокерски, посуров, повеќе накај мејнстрим, но квалитетот на музиката остана ист.
Излегува Кики на бина и почнува некоја нивна за мене непозната песна полна со енергија, со феноменален текст, едноставна песна што те обзема целосно, како во времето кога бев тинејџер, нешто што одамна го немам почувствувано на концерт. Самата енергија на песната те тера да скокаш, да викаш, да пееш (иако не го знаев текстот), да се потиш, те исцрпува позитивно. Завршува песната и Кики вели: „Ова е од новиот албум ’Месец на вратима‘ од 2008 година, а песната е насловена ’Те ночи кад смо се потукли због ње‘“. Публиката ја бара песната уште еднаш и ја добива уште еднаш, па уште еднаш. Трипати истата песна на концерт на друга група, неверојатно. А песната, ај што е рокерска, полетна, полна е со емоции, туку и текстот е така погоден за витештвото, другарството, летната љубов, сето она што ги одликува мажите.
Во текстот Кики пишува дека колку и да се добри како другари мажите помеѓу себе, како сите за еден, а еден за сите, како мускетари, како честит војнички збор, кога таа ќе им се насмевне сѐ престанува и сите сакаат да бидат со неа, без разлика дали ја знаат или првпат ја гледаат во живот. И тука почнува тепачката. „Нејзината насмевка беше доволна/ зарем не/ за пријатели што знаат да споделат сѐ/ да лаат по ѕвездите и да пцујат/ сите за еден и еден за сите/ таа ноќ кога се испотепавме за неа/ Сакав да знае дека не сум како другите/ Замислив како ме бакнува/ и да ѝ го насликам небото/ или да напише стих/ но јас бев само еден од нив/ таа ноќ кога се испотепавме за неа“.
Веројатно ова е во машкиот ген, машка работа, и сега кога ќе прашам некој пријател која ти е омилена песна од „Пилоти“ сите без исклучок велат песната „Те ночи кад смо се потукли због ње“.