Годинашното издание на фестивалот „Макфест“ ќе се одржи на 25 и 26 октомври, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Оваа година новост на фестивалот е што се одбрани дури 28 песни, но исто како и претходните две години „Макфест“ќе има ревијален карактер.
Првата вечер, на 25. месецов, ќе настапат изведувачи, кои се недволно афирмирани, а жири комисија и публиката во салата ќе ги одберат најдобрите шест кои ќе настапат втората вечер, на која ќе настапат познати музички имиња.
-Оваа година имаме повеќе песни од изминатите години. Како споредба пред две години, откако овој тим почна да го работи „Макфест“, имавме помалку од 15 песни пријавени на конкурсот. Лани имавме 56 пријавени композиции, а оваа година над 70. Тоа се бројки идентични на бројот на пријавени песни на конкурсите на „Макфест“ од пред 20-тина години кога македонската забвана музика котираше многу подобро. Оваа година одбравме повеќе компоизиции на фестивалот, за разлика од минатите години. Одбравме вкупно 28 песни – вели уметничкиот директор, Роберт Саздов.
Организатор на фестивалот и годинава е Општина Штип, на чело со градоначалник Иван Јорданов, продуцент е Александар Арсовски, уметнички директор Роберт Саздов, а член на уметничкиот совет и десна рака на Роберт е Јован Јованов.
Списокот на изведувачи, како што велат од организацијата на фестивалот, ќе биде наскоро објавен.
М.Т