Културна икона

Англиската кралица Елизабета Втора, најдолговечниот монарх во историјата на Велика Британија и Комонвелтот на народите, која почина на 96-годишна возраст, и покрај различните јавни реакции и ставови кон монархијата, остана запаметена во позитивно светло во популарната култура. Во најголем број случаи таа беше портретирана со многу љубов во уметноста, музиката и филмот, кои го зацементира нејзиниот статус на една од најпрепознатливите светски личности воопшто. Многумина ја сметаат за еден вид културна икона, особено откако нејзиниот лик се појави во попарт-делата на Енди Ворхол, во култната анимирана серија „Симпсонови“ (позната е епизодата во која главниот лик Хомер удира во нејзината златна кочија во Бакингемската палата), како и во ултрапопуларната „Игра на тронови“. Кога го славеше својот сребрен јубилеј во 1977 година, тој меѓу другото беше одбележан и со панк-химната „God Save the Queen“ на славниот панк-бенд „Секс пистолс“, која во тоа време беше забранета на Би-би-си и други британски медиуми.

Голема вљубеничка и покровителка на уметноста

По нејзината смрт многу британски културни институции ѝ оддадоа почит како на голема вљубеничка и покровителка на уметноста. Музејот „Тејт“ соопшти дека тие се длабоко тажни поради смртта на кралицата Елизабета Втора, која беше присутна во некои од најзначајните моменти во историјата на овој музеј, од нејзината прва посета во 1979 година до отворањето на галеријата „Тејт модерн“ во 2000 година. Уметничкиот совет на Англија, на чело со Николас Серота, исто така изрази длабока тага по смртта на кралицата Елизабета Втора и привремено ги суспендира сите активности во официјалниот период на жалост. Советот ѝ оддаде огромна почит на кралицата истакнувајќи ја нејзината поддршка на уметноста и на културниот сектор во текот на многу години, вклучувајќи го и покровителството на активностите на многу културни организации.
Кралицата беше насликана и фотографирана од голем број уметници, вклучувајќи ги Сесил Битон, Лусијан Фројд и Ени Лејбовиц, покажувајќи ја во нејзината целосна кралска слава, на работа или со нејзиното семејство. Но малкумина ја освоија уметничката јавност како што тоа го стори кралот на поп-артот Енди Ворхол, во серијата „Квинс“ од 1985 година. Ворхол користеше официјална фотографија, која ја приспособи со низа бои и стилови – процес што го користел и за познатиот портрет на Мерилин Монро. Погледот на Елизабета Втора е обоен со сини рефлексии, додека нејзината коса е украсена, лицето напудрено. Понекогаш е облечена во нежнорозов фустан, понекогаш во палто со јоргован-виолетова нијанса, бадемово-зелена или бледосина. Ворхол го издигна ликот на кралицата на тронот на популарната култура.
Филмови и серии

Елизабета Втора беше портретирана како дете во филмот „Говорот на кралот“, кој е награден со „оскар“, а посветен на напорите на нејзиниот татко да го надмине пелтечењето. Хелен Мирен ја играше во „Кралицата“ како се соочува со бесот на јавноста по смртта на својата поранешната снаа, принцезата Дијана, во 1997 година. Една од највлијателните е големата телевизиска серија на Нетфликс, „Круната“, која ја донесува приказната за кралицата и нејзиниот сопруг Филип пред таа да се качи на тронот, која изобилува со семејни расправии, скандали и политички кризи. Таа се појави и во скеч за церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Прикажана е со своите сакани кучиња корги во Бакингемската палата додека беспрекорно облечениот Џејмс Бонд (Даниел Крег) пристигнува да ја земе.
„Добра вечер, господине Бонд“, вели таа пред да се качат на хеликоптер, да го прелетаат Лондон и да се спуштат со падобран на Олимпискиот стадион… Ликот на кралицата се појави и во британското сатирично куклено шоу „Д спитинг имиџ“, како и во детскиот телевизиски хит „Пепа прасе“, каде што таа скока во баричка од кал. Исто така, кога го прославуваше својот платинест јубилеј, 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата ги изненади своите поданици со снимање сцена во која пие чај со мечето Падингтон, икона на британската литература за деца.